Elvir Hociç
23 Април 2018•Ажурирај: 24 Април 2018
АНКАРА (АА) - Во Турција денес се одбележува националниот празник Денот на националниот суверенитет и Денот на детето, а воедно и 98- годишнината од основањето на Големото народно собрание на Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
По тој повод, претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Исмаил Кахраман, ја предводеше делегацијата со официјални лица во посета на мавзолејот на Ататурк, Аниткабир, во Анкара.
Покрај Кахраман, Аниткабир го посетија и турскиот премиер Бинали Јилдирим, лидерот на опозициската Републиканска народна партија (CHP), Кемал Киличдароглу, замениците на премиерот, министри и голем број други официјални лица.

Со интонирањето на химната и полагањето на венец во Аниткабир е оддадена почест на основачот на современата турска држава и нејзиниот прв претседател, Кемал Ататурк.
За време на церемонијата пред мавзолејот на Ататурк беа присутни и голем број деца од Турција, но и од голем број други држави.

Во текот на денот низ Турција со низа манифестации ќе биде продолжено одбележувањето на празникот, а централната манифестација се одржува во главниот град Анкара.
Државниот празник Ден на националниот суверенитет и Ден на детето се одбележува на 23 април, на денот кога во 1920 година беше отворено Големото народно собрание на Турција. Овој датум се слави со присуство на деца од сите краеви на светот.
На денешен ден во 1924 година е одлучено денот на основањето на Големото народно собрание да се одбележува како државен празник. Пет години подоцна, на 23 април 1929 година тој празник е подарен на децата и од 1929 година се одбележува како Ден на националниот суверенитет, а воедно и како Ден на детето.