Orhan Güngör
21 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
АГРИ (АА) - Копретседателот на Демократската народна партија (ХДП) Селахатин Демирташ, кој на почетокот на ноември минатата година беше уапсен во Турција, е осуден на пет месеци затвор за навреда и омаловажување на турскиот народ, државата Република Турција, како и на државните институции и органи, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Судот Догубајазит во источниот турски град Агри, денес се одржа рочиште од судскиот процес против копретседателот на ХДП Селахатин Демирташ, кој се наоѓа во притвор во западниот турски град Едрене. Демирташ на рочиштето се вклучи преку видео линк.
По читањето на обвинението се изјасни одбраната на Демирташ и побарано е случајот за укинување на неговиот имунитет да се проследи до Уставниот суд, што Судскиот совет го отфрли, бидејќи, како што е наведено, тоа барање не е во согласност со законот.
Демирташ, по излагањето на неговиот тим адвокати, порача: „Се надевам дека одлуката која ќе биде донесена ќе покаже дека судството независно донесува одлуки и јас барам да бидам ослободен“.
Судот во Агри донесе одлука, и во согласност со член 301/1 од турскиот казнен законик, Демирташ го осуди на шест месеци затвор поради навреда и омаловажување на турскиот народ, државата Република Турција, како и на државните институции и органи. Судот го имаше предвид минатото на обвинетиот, неговите општествени односи, однесувањето за време на судењето, и му ја намали казната на пет месеци.
Во рамките на истрагата против тероризмот во Дијарбакир, денес му е одреден притвор и на пратеникот на ХДП од Дијарбакир Идрис Балукен, кој претходно беше приведен во главниот град Анкара.
Селахатин Демирташ беше уапсен на почетокот на ноември минатата година, како и копретседателката на ХДП Фиген Јуксекдаг и уште девет пратеници од опозициската Народна демократска партија (ХДП).
Тие се приведени првенствено поради тоа што претходно не се одзваа на повиците на Обвинителството за сослушување во врска со истрагата за активностите на терористичката организација ПКК/КЏК и за немирите во Дијарбакир од 6 до 8 октомври. Освен тоа, пратениците се товарат и за повеќе кривични дела.
Генерално, тие се товарат за вршење пропаганда за терористичката организација ПКК, глорификација на злострства и злосторници, поттикнување на народот на омраза и непријателство, членување во терористичка организација и обид за рушење на единството и заедништвото на државата.
Копретседателот на ХДП Селахатин Демирташ, освен за кривичните дела за коишто беше осуден денеска, се товари и за формирање организација со цел изведување злосторнички активности, членување во терористичка организација, членување во вооружена терористичка организација, вршење на кривични дела во името на организацијата, ширење пропаганда за терористичка организација, но и за други кривични дела.