Sinan Uslu
22 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Во изминатите 24 часа, во рамките на офанзивата „Штитот на Еуфрат“ во северниот дел на Сирија се неутрализирани најмалку 14 припадници на терористичката организација ДЕАШ, а истовремено се уништени 110 терористички позиции на тоа подрачје, јавува Anadolu Agency (AA).
Офанзивата „Штитот на Еуфрат“ започна на 24 август 2016 година, во северниот дел на Сирија, со цел да се неутрализира терористичката закана со акцент на ДЕАШ и со цел јакнење на безбедноста во сириско-турскиот пограничен појас. Офанзивата ја спроведуваат сириските опозициски сили, а во согласност со меѓународното право на самоодбрана ги поддржуваат и турските сили.
Генералштабот на турската војска соопшти дека во изминатите 24 часа, односно на 183. ден од офанзивата, турските воздушни, артилериски и копнени сили гаѓале и уништиле 110 новооткриени позиции на ДЕАШ, а меѓу нив има терористички засолништа, 18 воени објекти, магацини, воени возила и контролни места.
Силите на Слободната сириска војска, со поддршка на турските сили ја продолжија операцијата за ослободување на градот Ал Баб од терористите на ДЕАШ, а паралелно работат и на неутрализирање на минско-експлозивните средства и на тунелите што терористите ги оставиле на ослободените делови од градот. Во акцијата загина еден, а ранети се двајца турски војници.
Во изминатите 24 часа, во акциите се неутрализирани најмалку 14 терористи.