Orhan Onur Gemici
08 Јули 2018•Ажурирај: 08 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Вкупно 18.632 турски државни службеници се отпуштени од своите работни места, во согласност со законската уредба за вонредната состојба во Турција, поради нивна поврзаност со терористички организации, се наведува денес во Службениот весник, јавува Anadolu Agency (AA).
Според законската уредба број 701 од Службениот весник на Турција, од различни позиции во јавните служби, од работа се отпуштени 18.632 државни службеници, додека 148 претходно отпуштени лица се вратени на своите работни места.
Од претходното отпуштање од работата во државните институции, според законската уредба број 701, во служба се вратени 1.526 офицери, од кои 324 во редовите на Турските вооружени сили (ТСК), 1.167 во Генералниот директорат за безбедност и 35 во жандармеријата.
Законската уредба број 701, донесена во рамките на вонредната состојба, соопштува:
- Од ТСК, од работа се отпуштени 6.152 офицери и подофицери, од кои 3.077 од копнените сили, 1.126 од морнарицата и 1.949 од воздухопловните сили.
- Во Министерството за правда, од работа се отпуштени 1.052 лица, меѓу кои има кандидати за судии, извршители и службеници од обезбедувањето.
- Отпуштени се и 4 заменици-гувернери и 4 управители на околии.
- Во Генералниот директорат за безбедност, од работа се отпуштени 8.998 службеници.
- Во Генералниот директорат на жандармеријата, од работа се отпуштени 649 офицери и подофицери.
- Затворени се 12 здруженија
Во рамките на вонредната состојба и донесените законски уредби, затворени се 12 здруженија, 3 весници и еден телевизиски канал.
Тука спаѓаат здруженијата за кои е утврдено дека помагале терористичка организација и нејзината структура, или спроведувале активности против државната безбедност.
Од истата причина, затворени се два весника во Истанбул и еден весник и телевизиски канал во Дијарбакир.
Покрај тоа, сиот имот, сите побарувања, права и документи на здруженијата, весниците и телевизијата се префрлени под надлежност на Трезорот на Република Турција, без обештетување. Министерството нема да одговара за правата и барањата по име на претходни долгови што ги имале затворените здруженија, весници и телевизија. Работите околу трансферот и сета помош која ќе дојде од соодветните институции ќе ја спроведува Министерството за финасии.
Според Законот за испраќање за школување во странство, поради поврзаност со терористичка организација и активности кои претставуваат закана за националната безбедност на земјата, прекинати се контактите со едно лице кое студира во странство. Во исто време, за ова лице нема да се спроведе верификација на постигнатото образование, ниту ќе може да има бенефиции од академската титула и степен кои ги добило во рамките на образованието во странство.