Sinan Uslu
07 Јули 2018•Ажурирај: 08 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Прeтставниците на пратеничкиот клуб на Партијата на правдата и развојот (АК парти), испратија предлог до турскиот Парламент, со кој досегашниот премиер на оваа земја, Бинали Јилдирим, е именуван за кандидат за функцијата претседател на Народното собрание на Турција (TBMM), јавува Anadolu Agency (AA).
По парламентарните избори одржани на 24 јуни во Турција, кандидатите за пратеници кои ги добија гласовите на турските граѓани, денес положија заклетва во турскиот Парламент. Меѓу првите кои положија заклетва е и турскиот премиер Бинали Јилдирим.
„Нека е со среќа на татковината и народот. Не знам, можно е да има повеќе кандидати. Не знам дали сè ќе се заврши во првиот круг. Сепак, ќе биде така како што ќе каже Парламентот, како што ќе кажат претставниците“, беше првиот коментар на Јилдирим, по именувањето за кандидат од АК партијата.
Јилдирим, претходно, запрашан да ја прокоментира можноста за доаѓањето на функцијата шеф на Парламентот на Турција, изјави дека тој не носи одлука, но дека е подготвен да ја изврши која било задача, ако лидерот на партијата донесе таква одлука.
Бинали Јилдирим, влезе во историјата на Република Турција како последниот премиер, со оглед на тоа дека оваа функција во новиот претседателски систем на водење држава во кој Турција за првпат официјално преминува в понеделник, нема да постои.