Ekipa
12 Февруари 2017•Ажурирај: 13 Февруари 2017
АДАНА (АА) – Либанецот со данско државјанство, Махамад Лабан и Ирачанецот Мохамед Тефик Салех со шведско државјанство, кои вчера беа притворени поради сомнение дека се припадници на терористичката група ДЕАШ и кои во Турција влегле со фалсификувани пасоши, планирале да преминат во европските земји со цел да извршат големи акции, јавува Anadolu Agency (AA).
Според добиените информации, Махамад Лабан (45) и Мохамед Тефик Салех (38), кои вчера беа фатени врз основа на разузнавачки информации во областа Сејхан од страна на тимот на Одделот за борба против тероризмот од полицијата во Адана, со одлука на судот се притворени. Во истрагата е утврдено дека во 2014 година притворените преминале во Сирија и ѝ се придружиле на терористичката група ДЕАШ.
Лабан и Салех, кои во текот на нивното приведување носеле лажни документи за идентификација за бегалци и во нивната прва изјава за полицијата тврделе дека од Европа во Сирија одат за да понудат помош во парични средства, храна и облека, во период од 10 дена биле испитувани во полициска станица од страна на професионални екипи.
Во извршените истражувања на електронските уреди на Лабан биле пронајдени фотографии кои се смета дека се фотографирани во редовите на ДЕАШ во Сирија. Исто така пронајдени се фотографии на Лабан со други лица со калашников во рацете.
Се тврди дека двајцата обвинети во последните три месеци во Сирија биле на интензивна обука за оружје и експлозиви, и дека се подготвувале за голема акција во Европа.
Во соопштението се вели дека Салех во 2014 година заедно со сопругата и двете ќерки дошол во Турција. Тој потоа со ќерките преминал во Сирија, додека неговата сопруга Фатиме во последен момент се откажала од тоа и се вратила во Шведска.
Се дознава дека Фатиме на судските органи во Швдска им пријавила дека нејзиниот сопруг и двете ќерки преминале во Сирија за да се придружат на терористичката група ДЕАШ.