Hanife Sevinç,Mehmet Ali Derdiyok
12 Февруари 2017•Ажурирај: 13 Февруари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција ѝ придава голема важност на безбедноста на Саудиска Арабија, и истакна дека минатогодишната посета на саудискиот крал Селман на Турција била пресвртница во интензивирањето на билатералните односи меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган денеска од Истанбул отпатува во официјална посета на Бахреин, од каде ќе отпатува во официјална посета на Саудиска Арабија, а потоа ќе го посети и Катар.
Пред патувањето од истанбулскиот аеродором, турскиот претседател Ердоган истакна дека на 14 февруари ќе ја предводи високата турска делегација во посета на Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, со која Турција во изминатите две години воспостави многу блиски и искрени односи и соработка.
Ердоган рече дека односите меѓу двете земји во изминатиот период се интензивирани на секое поле, вклучувајќи ја политиката, одбраната, економијата, културата, трговијата, како и дека е остварена соработка и на решавањето на регионалните прашања, првенствено на кризата во Сирија.
„Посетата на почитуваниот крал Селман на Турција беше пресвртница од сите аспекти и во таа пригода е формиран Советот на турско-саудиски односи, кој ги издигна на повисоко ниво нашите билатерални односи”, рече претседателот Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган истакна дека овој Совет својот прв состанок го одржал на 8 февруари во Анкара и дека со седницата претседавале шефовите на дипломатии на двете земји.
„Сметам дека е од корист да повторам дека кон односите со братската и пријателска земја гледаме од ниво на стратешка соработка. Голема важност придаваме на безбедноста и стабилноста на Саудиска Арабија. На состанокот со кралот Селман ќе имаме можност како лидери да ја разгледаме одлуката која овој Совет неодамна ја донесе. Паралелно со тоа, ќе имаме можност да разговараме и за билатералните и регионални теми. Се подразбира дека на дневниот ред на нашиот состанок ќе се најдат случувањата во регионот, вклучувајќи ја и ситуацијата во Ирак, Сирија, како и ситуацијата од другата страна на Заливот, во Јемен. Нема сомнение дека една од основните теми на средбата ќе биде околу економската соработка и трговската размена меѓу земјите. Втората важна тема на посетата ќе биде соработката во одбранбената индустрија и безбедносната соработка. Во тој контекст ќе се сретнам и со првиот заменик на премиерот и министерот за внатрешни работи, принот Мухамед бин Наиф и со вториот заменик-премиер и министер за одбрана на Саудиска Арабија, принцот Мухамед бин Селман”, рече претседателот Ердоган.