АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, зборувајќи за нелегитимниот референдум за независност, кој Регионалната курдска управа во северен Ирак го одржа минатата недела, изјави дека сѐ уште не е доцна и оти администрацијата на претседателот на Регионалната курдска управа во северен Ирак да може да преземе чекор, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу беше гостин на денешниот уреднички колегиум на АА во Анкара, каде што одговараше на прашањата на новинарите и уредниците на АА од сите делови на светот, и се осврна на актуелните случувања.
Министерот нагласи дека Курдската управа во северен Ирак го спровела референдумот и покрај повикот на Турците и на целиот свет тој да биде откажан. Како што изјави тој, Турција го предупреди лидерот на Курдската управа, Месут Барзани, за ризиците што референдумот би можел да ги донесе за Ирак и за Курдите.
„Овој референдум не е транспарентен ниту демократски. Тоа не е референдум кој е одржан под набљудување на меѓународната заедница, и тој како таков е противуставен и нелегитимен. Сѐ уште не е доцна. Администрацијата на Барзани може да преземе чекор. Кога ќе се запре овој процес, тогаш со Багдад може да ги нормализира односите, а со самото тоа, и со нас и со другите“, изјави Чавушоглу.
Турскиот министер изјави дека е можно да се продолжат односите со Регионалната курдска управа во северен Ирак.
„Доколку отстапат од оваа грешка, ние ќе ги продолжиме нашите односи, како што се однесувавме во минатото, така ќе се однесуваме повторно“, појасни Чавушоглу.
Тој додаде дека контролата над граничните премини на ирачка страна треба да ја има администрацијата во Багдад.
„Преминот Оваџик (на турско-ирачката граница) технички е можно да се отвори, но кој ќе формира коридор од другата страна на границата, кој ќе осигура безбедност? Тоа, секако, треба да го стори ирачката администрација“, смета Чавушоглу.
Тој нагласи дека односите на Турција со Курдската управа во северен Ирак секогаш се темели на ирачките граници и територијалниот интегритет на Ирак.
„Ние секогаш бевме чуствителни на тој план, и во времето на Малики. Во таа смисла, доколку оваа грешка се исправи, секако дека би продолжиле со нашите односи. Како што се однесувавме во минатото, повторно ќе бидеме со нив во тешките денови“, изјави Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија накратко се осврна и на ситуацијата во Сирија и изјави дека Турција нема да дозволи да се воспостави терористички коридор во Сирија.