Leyla Ataman Koyuncuoğlu
13 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
АНТАЛИЈА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, денес во Анталија изјави дека неговата земја по референдумот на 16 април ќе го испрати својот последен предлог до ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
„По 16.април, на ЕУ ќе ѝ го испратиме нашиот последен предлог. Ќе разговараме за тоа како ќе го продолжиме нашиот процес во наредниот период. Ние сакаме со ЕУ да го решиме проблемот со визите. Мораме да добиеме безвизен режим. Тоа е дел од нашиот последен договор што го потпишавме“, изјави Чавушоглу во Анталија.
Тој се осврна на кипарското прашање и изјави дека Турција вложува искрени напори за решавање на ова прашање.
„Особено во периодот на изборите гледаме дека од другата страна нема сериозни напори. Ги сметаме за погрешни едностраните чекори на грчката страна, кога се во прашање резервите на природен гас и нафта околу Кипар. Со оглед на тоа што и покрај нашите предупредувања не се повлекоа, ќе следуваат одредени чекори на Турција“, изјави Чавушоглу.
Чавушоглу најави дека турска делегација предводена од заменик премиерот, Мехмет Шимшек, ќе ја посети Москва наредната недела.
„Ќе седнеме и ќе разговараме со руските колеги. Се надеваме на договор со кој ќе ги отстраниме сите препреки што се пред нас“, нагласи министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.