Arife Yıldız Ünal
13 Април 2017•Ажурирај: 14 Април 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за финансии на Република Турција, Наџи Агбал, денес во Анкара порача дека со уставните промени на референдумот во Турција, за многу краток период ќе се стабилизираат сите економски параметри во оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Агбал беше гостин на денешниот уреднички колегум на АА во Анкара, каде што одговараше на прашањата на новинарите и уредниците на АА од сите делови на светот, и се осврна на актуелните случувања во неговата земја.
Зборувајќи за претстојниот референдум за уставните промени, Агбал истакна дека турскиот народ секогаш ги поддржувал позитивните промени во земјата.
„Ние на 16. април правиме многу важни уставни промени, кои ќе обезбедат позитивни промени во Турција. Народот тоа го гледа“, изјави Агбал.
Тој порача дека во случај народот да каже 'да' на претстојниот референдум во Турција, за многу краток период, сите економски параметри ќе забележат стабилност, и дека во таа смисла ќе биде отстранета неизвесноста.
Агбал додаде дека по референдумот се очекуваат многу позитивни ефекти, кога е во прашање курсот на турската лира, каматната стапка, економскиот раст, инвестициите, но и капиталот што ќе дојде во Турција.
„Тоа, секако, е потреба и на пазарот. За Турција да има многу позитивна приказна, тоа зависи од референдумското „да“. Во спротивно, тешко дека ќе може да се зборува за некоја позитивна приказна“, порача министерот за финансии на Република Турција, Наџи Агбал.