Şenhan Bolelli
05 Ноември 2017•Ажурирај: 06 Ноември 2017
МАДРИД (АА) - Во екот на кризата предизвикана од неуставниот референдум за независност на Каталонија, во 13 општини во шпанската покраина Баскија се одржа симболично изјаснување на граѓаните во врска со идејата за независност на регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Симболичниот референдум за независност на Баскија е иницијатива на која од јуни минатата година работи невладината организацијата „Gure Esku Dago“, а гласачите одговорaa на прашањето за тоа дали сакаат да бидат граѓани на независна држава Баскија.

Официјалните институции на автономните баскиски власти ја поддржаа иницијативата, и иако стануваше збор само за симболичен чин, на рефередумот излегоа речиси 40 отсто од регистрираните гласачи.
Организаторите тврдат дека целта на симболичниот референдум е да се зајакне свеста за важноста на правото на самостојно одлучување за сопствената иднина.
Во соопштението се наведува дека сличен симболичен референдум од јуни минатата година е одржан во вкупно 167 општини на Баскија и Навара, на кој гласале повеќе од 155.000 граѓани.
Последните анкети од истражувањата укажуваат дека завршувањето на војната и разоружувањето на сепаратистичката организација ЕТА е пропратено со сѐ помал процент на Баскијци кои сакаат да се отцепат од Шпанија.
Според анкетата спроведена од страна на Универзитетот на Баскија и Истражувачкиот центар „Deustobarometro“, против идејата за независност на Баскија се изјасниле 60 отсто од Баскијците, додека за идејата за независност 16,9 отсто од граѓаните на покраината.
Од друга страна, синоќа во седиштето на баскискиот регион, во градот Билбао, одржани се масовни протести на кои демонстрантите бараа ослободување на уапсениот политички врв на Каталонија, кој стои зад неодамнешното спроведување на неуставниот референдум и едностраното прогласување независност.