Abdullah Doğan
12 Септември 2018•Ажурирај: 12 Септември 2018
КОЊА (АА) - Министерот за правда на Република Турција, Абдулхамит Ѓул, денес потврди дека Турската разузнавачка служба (МИТ) со успешна операција го уапсила и од сириска Латакија го донела терористот Јусуф Назик, одговорен за терористичкиот напад во Рејханли, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нашата држава, секако, до крајот ќе ги следи злосторниците, каде и да се и на која терористичка организација да ѝ припаѓаат, а независните судови по заслуга ќе изречат адекватни казни“, порача Ѓул.
За време на работната посета Ѓул го прашаа за коментар на претходно објавените вести дека Турската разузнавачка служба го доставила и на надлежните институции на понатамошно процесуирање го предала терористот кој го организирал терористичкиот напад во кој во мај 2013 година во Рејханли се убиени 53 лица.
„Нападот во Рејханли беше болен момент кога ги загубивме нашите сонародници. Судовите повеќекратните доживотни затворски казни ги изрекоа на деветмина обвинети, а споменатиот Јусуф Назик беше во бегство. Со претходната одлука неговиот случај е префрлен на 9. Кривичен суд во Анкара и таму ќе му биде судено. Секако дека одговорните ќе бидат казнети“, порача Ѓул.
Неименуван извор за АА претходно денес изјави дека Турската разузнавачка служба извршила успешна операција во сирискиот регион Латакија и го уапсила Назик кој соработувал со сириските разузнавачи и организирал терористички напад во турскиот пограничен регион Рејханли.
Станува збор за терорист кој се наоѓал на „сината“ листа на барани терористи во Турција, а службениците на Турската разузнавачка служба по безбедни канали го донеле во Турција и го предале на надлежните институции на понатамошно процесуирање.
Истиот извор изјави дека уапсениот Назик во прелиминарниот исказ признал дека по наредба на Сириската разузнавачка служба го извршил планирањето на терористичките напади во Турција, и од Сирија организирал транспорт на експлозиви за тие напади.
Назик ги открил и сите детали за Михрач Урал, кој учествувал во терористичките напади во Рејхали, и ги повикал сите пребегнати учесници да се предадат на турските безбедносни сили.
Назик изјави дека е роден во Антакија, ги откри деталите од неговата биографија и призна дека со пријателите ги организирале нападите во Рејханли.
„Наредбата за нападот ја добивме од Сириската разузнавачка служба. Не можев да побегнам од турскиот државен апарат, се каам. Фатен сум и донесен од Сирија. На моите пријатели во Сирија им порачувам и тие да се вратат додека не е доцна. Турската држава, нашата држава ќе се погрижи за нас. На сириската држава ѝ порачувам дека Турција е голема држава и дека сигурно ќе бара да ѝ се полагаат сметки“, изјави Назик во исказот.
Турската разузнавачка служба со ова ги продолжи успешните операции што претходно ги извршувала во странство, со цел фаќање на припадниците на терористичката организација.
Операцијата во Латакија во потполност самостојно ја извршија службениците на Турската разузнавачка служба. Со сопствени активности го лоцираа, следеа, фатија и транспортираа бараниот терорист и во тоа не соработуваа со ниту една странска служба.
Турската разузнавачка служба ги интензивираше операциите во странство по јулскиот обид за воен удар во 2016 година, кој во Турција го изврши терористичката организација ФЕТО. Операциите се спроведуваат во состав на борбата против тероризмот и координирано со турските безбедносни сили, а на тој начин во Турција се доставени голем број терористи на ПКК и ФЕТО.