Hatice Şenses Kurukız,Sefa Mutlu,Andaç Hongur,Murat Paksoy
01 Јануари 2017•Ажурирај: 02 Јануари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, рече дека тероризмот нема да ги загрози единството и братството во Турција, и ги негираше тврдењата на одредени кругови дека синоќешниот терористички напад во истанбулскиот ноќен клуб е извршен од напаѓач маскиран како Дедо Мраз, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на турската влада Јилдирим, ги посети хоспитализираните повредени лица, а потоа имаше обраќање пред новинарите во кое рече дека во синоќешниот напад загинале 39, а се повредени над 60 лица. Тој додаде дека тројца или четворица од повредените се во животна опасност.
„Тероризмот е проблем на целото човештво. Тероризмот не води никаде, а неговата цел е да го поткопа нашето единство. Турција веќе одредено време води решителна борба против терористичката организација ПКК, против терористичката организација ФЕТО и терористите на ДЕАШ, кои произлегоа од кризите во Сирија и Ирак. Свесни сме дека таа борба чини, но ние никогаш нема да се предадеме. Терористичките напади се можни насекаде во светот и ниту една земја не е безбедна од овие закани. Неодамна тоа беше случај во Германија, вчера во Ирак, а претходно и во други делови од светот. Затоа, ние секогаш нагласуваме дека тероризмот нема светост, ниту познава било каква религија, ниту вредности. Тероризмот е тероризам, каде и да е. Дволичноста во борбата против тероризмот само ѝ штети на таа борба и не води кон победа“, рече Јилдирим.
Јилдирим рече дека турско-руската иницијатива за воспоставување мир во Сирија е значаен придонес и во борбата против тероризмот во регионот.
„На својот народ му порачувам дека тероризмот нема да го загрози нашето единство и братство. Нема да нè исплаши, туку тоа ние ќе им го сториме на терористите. Ќе ја продолжиме нашата борба“, порача Јилдирим.
Одредени странски медиуми денеска објавија дека синоќешниот напад во ноќен клуб во крајбрежниот кварт Ортакој, во Истанбул, го извршил напаѓач маскиран како Дедо Мраз, а премиерот на Турција Јилдирим рече дека тоа се лаги и шпекулации.
„И јас слушнав дека некои велат оти напаѓачот дошол облечен како Дедо Мраз ... Тоа се неосновани тврдења. Знаеме дека станува збор за вооружен терорист. Тој дошол до влезот и убил еден полицаец, а потоа влегол во клубот и пукал во невини луѓе. Сè освен тоа се невистинити и неосновани тврдења. Потоа напаѓачот го фрлил оружјето и избегал од местото, но нашите полициски сили се наоѓаат на терен. Сите можности темелно ги истражуваме“, рече Јилдирим.
На прашање на новинар за идентитетот на напаѓачот, Јилдирим рече дека истрагата е во тек, дека веќе се наѕира исходот, како и дека наскоро и јавноста ќе биде информирана.