Sinan Uslu
08 Септември 2016•Ажурирај: 08 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, им се обрати на гувернерите на турските покраини и им порача дека мора дење и ноќе, лето и зима да бидат предани на борбата против тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Јилдирим присуствуваше на седницата на гувернери организирана од страна на Министерството за внатрешни работи во Анкара, а во таа пригoда им се обрати на гувернерите на 81 турска покраина и ја нагласи важноста на постојаниот контакт и комуникација на тие регионални канцеларии со Анкара.
„Вие сте претставници на Анкара во Анадолија. Вие сте најблиски до народот и ги гледате сите негови проблеми. Свесни сме дека ние, од Анкара, не ја гледаме ситуацијата на теренот како вие. Приоритет ни е да ги остраниме различните аспекти на гледање на проблемите. Сакам да кажам, ние во Анкара пишуваме нешто, цртаме и издаваме нараедби. Мислиме дека сѐ оди како што треба, меѓутоа свесни сме дека не е така, и во тоа се уверуваме со постојаните посети на регионите“, изјави Јилдирим.
Повикувајќи ги гувернерите на посветена работа и однос кон државата без постојани критики кон врховната власт, Јилдирим рече дека мора да се пронајде начин за ефикасно надгледување на ситуацијата и спроведување на плановите во сите делови на земјата.
„Пријатели, мораме постојано да комуницираме меѓусебно. Анкара ќе ве контактира постојано, а вие ќе ја контактирате Анкара. Само со динамично и ефикасно управување можеме да ги решиме проблемите без губење време“, им порача на челниците на покраините, шефот на турската Влада.
Потсетувајќи на зборовите на основачот на современата турска држава, Кемал Ататурк, дека извршувачот е поважен од оној што дава наредби, Јилдирим изјави дека тоа е точно бидејќи на терен проектите не можат сто отстотно да се извршат во склад со напишаното и дека службеницте на терен, секаде во светот, имаат сомнежи дали слепо да ги следат упатствата кога тие не се ефикасни за некоја работа, или да бидат критикувани зашто не ја извршиле својата работа.
„Пријатели, кога ги извршувате државните и народните работи, можете да правите грешки во однос на процедурата и правилниците. Не плашете се за тоа, но постојано имајте страв доколку работите за свој или за нечиј друг интерес. Вие работите државна работа. Не осврнувајте се на помали грешки и на импровизациите што ги правите. Не заборавајте дека ниедна работа на терен не може да се реализира без импровизирање и грешки во однос на правилникот. Ова ви го кажувам како пријател кој е во извршната власт. Не можете да сторите ништо доколку слепо ја следите секоја буква на хартијата. Морате да одберете дали ќе ја работите работата или само ќе се држите до прописите. Ако станува збор за интересот на државата, народот и неговата иднина, правете грешки, но не смеете да извршите предавство. За грешки има место, но не и за предавство“, изјави Јилдирим.
Јилдирим потсети и на неуспешниот предавнички обид за државен удар во јули, кој беше спречен со храбриот став на народот и умешноста на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
„Имаме две важни теми, а тоа се терористичките организации ФЕТО и ПКК. Турција не е судбински предодредена да живее со тие проблеми, не дозволувајте само тие предавници да бидат на нашиот дневен ред бидејќи животот оди понатаму. Нашиот народ има право на добри и позитивни вести и ние не смееме да му го скратиме тоа право“, изјави Јилдирим.
Осврнувајќи се и на процесите на истрага и суспензија на поголем број државни службеници во сите јавни сектори, Јилдирим изјави дека е од клучна важност сите инстанци да ја вршат својата работа со цел истрагите и процесуирањето да се извршуваат во склад со нормите на правна држава како што е Турција.
„Од почетокот рековме дека нема да бидеме водени од одмазнички намери, туку од правдата и правото. Ние мораме да им веруваме на своите институции и вам”, изјави Јилдирим и додаде дека терористичката организација ФЕТО во декември минатата година донела одлука да се пресмета со Турција и дека не може да се смета за жртва никој што потоа останал поврзан и во соработка со таа организација.
Јилдирим најави дека во сите турски покраини ќе бидат отворени своевидни „кризни центри“, во кои ќе се собираат сите жалби на оние што тврдат дека во процесот на истрага и борба против ФЕТО се обесправени или нечесно оштетени, и додаде дека сите докази повторно ќе бидат разгледани и секоја грешка ќе биде исправена на соодветен начин.
„Свесни сме дека е тешко да се спроведе сѐ без грешки бидејќи се бориме против затворена група чие членство, врски и методи е тешко да бидат утврдени. Затоа мораме апсолутно да бидеме претпазливи и да водиме сметка да не правиме грешки“, порача Јилдирим.
Коментирајќи ги и зајакнатите мерки на безбедност и антитерористичките операции на јужните и југоисточните граници на Турција, Јилдирим изјави дека сите преминувања на границата, освен официјалните, се непријателски и дека турските сили ќе интервенираат навреме.
„Апсолутно мораме проблемот со тероризмот да го спуштиме на најниско ниво на дневниот ред во Турција. Тоа нѐ забавува во нашите проекти и ги загрозува нашите развојни цели“, заклучи Јилдирим.