Kurbani Geyik,Mümin Altaş,İlhan Toprak,Hatice Özdemir,Ilkay Guder,Sinan Uslu
22 Мај 2016•Ажурирај: 23 Мај 2016
АНКАРА (АА) - Со 1.405 гласови делегатите на вториот вонреден Конгрес на Партијата за правда и развој (АК Parti), пратеникот на турскиот парламент од Измир и актуелен министер за транспорт, поморство и комуникации, Бинали Јилдирим, е избран за нов претседател на таа политичка опција во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Денес, во Спортската арена во Анкара се одржа вториот вонреден Конгрес на Партијата АК, на која за избор на нов претседател и членови на Управниот одборот на таа политичка опција гласаа 1.411 од 1.470 делегати.
Со 1.405 гласови за и шест неважечки гласови, актуелниот министер за транспорт, поморство и комуникации на Турција, Јилдирим, беше избран за нов претседател на партијата. Јилдирим, исто така, ќе ја преземе функцијата претседател на партијата од досегашниот претседател Ахмет Давутоглу, но ќе го наследи и на функцијата премиер на Република Турција.
По основачот на АК Партијата, Реџеп Таип Ердоган и Ахмет Давутоглу, Јилдрим е третиот претседател на таа турска партија, но важно е да потсетиме дека, заедно со Ердоган, Јилдирим беше еден од основачите на оваа политичка партија.
Делегатите на Конгресот на АК Партијата во Анкара и ќе го изберат и новиот состав на управниот одбор на партијата, на Дисциплинската комисија и Етичкиот комитет.
- Бинали Јилдирим -
За време на својот 11-годишен мандат на министер, Јилдирим има реализирано инвестиции со вкупна вредност од 255 милијарди турски лири (75,8 милијарди евра). Меѓу позначајните проекти кои Јилдирим ги има реализирано како челник на тој турски ресор се брзиот воз, тунелот Мармарај, Евроазискиот тунел, третиот мост на Босфорот, автопатот Истанбул-Измир, мостот во заливот Измит и почетокот на изградбата на третиот аеродром во Истанбул.
Често се повикуваше на мотото на АК Партија, кое вели: "Некогаш сон, сега реалност", за што потврдуваат и резултатите на министерството за изминатата деценија, од кои вреди да се спомене воведувањето на 4,5 G телекомуникациската технологија во Турција, 24.280 километри патишта, 1.805 километри нови железнички пруги и зголемен број на турските аеродроми од 26 на 55.
Јилдирим е роден на 20 декември 1955 година во селото Каја во Ерзинчан. По основното образование во неговиот роден град, Јилдрим средното образование го продолжува во Истанбул, каде што подоцна завршува на Факултетот за поморство и бродоградба на Техничкиот универзитет. По постдипломските студии го продилжува образованието и на Универзитетот за поморство, којшто под покровителство на Меѓународната поморска организација (IMO) делува во Шведска.
Новиот шеф АК Партијата зборува англиски јазик. Со неговата сопруга Семиха во брак е од 1975 година и имаат три деца.
Јилдирим, заедно со Ердоган, беше вклучен во формирањето на АК Партијата и на парламентарните избори на 3-ти ноември 2002 година беше избран за член на турскиот парламент. Набргу потоа беше назначен за министер за транспорт, функција која досега ја обавуваше 11 години и стана министер со најдолг мандат во тој ресор во Турција.