Sarp Özer,İlhan Toprak
06 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
МОСКВА (АА) - Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, денеска зборуваше на конференцијата одржана на Московскиот државен институт за меѓународни односи, истакнувајќи дека на едно место се среќаваат две светски познати дипломатски школи, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот премиер Јилдирим истакна дека посетата на Русија не е поврзана само со билатералните односи меѓу двете земји, туку има за цел да даде свој удел во итното изнаоѓање решение за регионалните и меѓународните проблеми, потсетувајќи дека турскиот и рускиот народ се соседи илјада години.
Јилирим изјави дека двата народа во историјата постојано биле еден до друг, и во постојана заемна интеракција. „Во минатото, Турција и Русија имаа поголема соработка, но понекогаш беа и конкуренти“, изјави турскиот премиер Јилдирим.
- Покана за посета на Анталија -
Премиерот Јилдирим истакна дека посетата на претседателот Реџеп Таип Ердоган на Русија и посетата на претседателот Владимит Путин на Турција се почеток на една нова ера. „Сметам дека со овие посети започна периодот на нормализирање на нашите односи и оној едногодишен период на стагнација остана зад нас“, изјави премиерот Јилдирим.
Тој потсети дека минатата недела во Анталија се сретнале министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров, и додаде дека Анталија е добро позната меѓу рускиот народ.
Турскиот премиер Јилдирим во своето обраќање рече дека половината од присутните во салата ја посетиле Анталија: „Другата половина ги очекуваме следната година“.
- „Јас сум планер“ -
Јилидирим истакна дека по професија е инженер: „Јас сум планер, градам патишта, градам мостови, инфраструктура, надградба, пруги, и во изминатите 14 години, под раководство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, изведовме многу проекти во Турција за да им го олесниме животот на народот“.
Тој информираше за инвестициите во таканаречениот „Мега проект“, изградениот тунел за возила на длабочина од 106 метри, кој ќе ги поврзе двете страни на Босфорот. Турскиот премиер информираше дека отворањето на тунелот е закажано за 20 декември.
Јилдирим исто така истакна дека не постои друг тунел што е изграден на толку голема длабочина, и дека во Истанбул е започната изградбата на најголемиот светски аеродром. Турскиот премиер рече дека во 2013 година во сообраќај е пуштен железничкиот тунел „Мармарај“, потоа отворен е и третиот мост на Босфор, додека во меѓувреме е изграден и третиот по големина мост во светот, во измирскиот залив.
„Проблемите со кои моментно се среќаваме во светот и во регионот се поради занемарувањето на луѓето“, рече премиерот Јидирим.
„Доколку беа исполнети основните човечки потреби, доколу можеше да се обезбеди тие да бидат среќни во земјите во коишто живеат, тогаш ниту селидбите ќе беа со толкав интензитет, ниту ќе имаше хаос и војни во регионот. Затоа, причина за глобалната економска криза којашто е присутна насекаде во светот, почнувајќи од Америка, е поради занемарувањето на луѓето. Извор на војните на Средниот Исток и во нашиот регион што се во тек е занемарувањето и негрижата за луѓето. Формите можат да бидат различни, но крајот е ист“.
- „Како Турција и Русија, имаме многу голема одговорност“ -
Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, за случувањата во регионот го рече следното: „Поради специфичноста на регионот, ние, како Русија и како Турција, имаме многу голема улога, истовремено и одговорност. Денеска речиси сите земји се зависни една од друга. Немаме можност да кажеме: ‘Не ме интересира Русија, не ме интересира Турција, не ме интересира Сирија, Ирак’. Убавините и проблемите се рефлектираат истовремено. Доколку останеме незаинтересирани за проблемите во регионот, подоцна тие проблеми ќе пораснат, ќе ги зголемат полињата на делување и ќе станат глобален проблем. Појавата на терористичката организација ПКК, терористичката организација ДЕАШ, терористичката органзиација Ал Каеда, појавата на сите овие терористички организации, каква што е и Боко Харам, е поради доцнењето во навременото решавање на регионалните проблеми. Кога подоцна треба да се надомести ова доцнење, тоа носи многу тешки проблеми“.