Yıldız Nevin Gündoğmuş
13 Јули 2016•Ажурирај: 13 Јули 2016
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, изјави дека Турција веќе почна да го шири синџирот на пријателства во рамките на своите гранци и надвор од нив, и убеден е дека ќе се нормализираат турските односи и со Сирија и Ирак, исто како што беше случајот и со Русија и Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние ќе ја продолжиме низата на пријателства, колку што е можно повеќе. Тоа е нашата цел. Ќе ја продолжиме во земјата и во странство. Надвор почнавме и веќе ги нормализиравме односите со Израел и Русија. Меѓутоа, убеден сум дека ќе се вратиме и на нормалните односи со Сирија. Тоа е неопходно за нас. За успешна борба против тероризмот, неопходно е таму да дојде стабилно политичко раководство кое ќе ги претставува сите наши тамошни браќа. Тоа е неизбежно”, рече Јилдирим при обраќањето на денешниот состанок на регионалните комитети на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија).
Осврнувајќи се и на прашањето на најавениот процес за давање државјанство на сириските бегалци во Турција, премиерот Јилдирим и претседател на Партијата АК рече дека е јасно оти некои злонамерни кругови го користат и тоа за напаѓање на турската власт.
Потсетувајќи дека во историјата имало многу примери кога држави им давале државјанство на странски бегалци, Јилдирим рече дека постојат прецизни стандарди и правила коишто мора да бидат исполнети и дека државјанство не може да се даде на некој што е вклучен во тероризам, криминал и има сомнително минато.
„Секому што ќе даде придонес за оваа земја, ние ќе му дадеме државјанство. Во врска со тоа се подготвува закон. Со овој закон ќе се запре и одливот на мозоци од Турција”, рече Јилдирим.
Јилдирим истакна дека Турција и нејзиниот народ очекуваат сите земји во регионот, коалициските сили и стратешките партнери да ги ревидираат своите позиции и да ги остават настрана конкуренцијата и натпреварувањето, а да не ги затвораат очите пред заканите за опстанокот на човештвото.
„Ако денес се жалиме на тероризмот и ако тој стана ноќна мора на целиот свет, зад тоа лежи нестабилноста на земјите во регионот”, заклучи Јилдирим.