Bekim Laci
12 Април 2018•Ажурирај: 13 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Р. Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со делегација од Комисијата за прашања на Европската Унија од Бундестагот на Германија, предводена од претседателот на Комисијата, Гинтер Крихбаум, во придружба на Харалд Вејер и Томас Хакер, пренесува Anadolu Agency (АА).
Во соопштението на Собранието се наведува дека Џафери укажал на одличните и континуирани интензивни билатерални односи меѓу Македонија и Германија, и го поздравил фактот што Германија, како што се наведува, покрај тоа што е силен поддржувач на обединувањето на европскиот континент, исто така е и најголем трговски партнер и еден од најголемите развојни билатерални партнери на Македонија.
Џафери истакна дека во рамките на одбраната, соработката е на исклучително високо ниво и благодарение на нејзината поддршка, Македонија започна активно да учествува во мировните мисии „ИСАФ“ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Покрај тоа, претседателот на Собранието на РМ ја поздрави иницијативата на германската канцеларка Ангела Меркел за Берлинскиот процес, чија цел е да се внесе поголема динамика во евроинтегративниот процес и поголемо економско и инфраструктурно поврзување на земјите во регионот, а и отворањето на младинската канцеларија РИКО во Тирана, според француско-германскиот модел за постконфликтно помирување во регионот.
Во делот на парламентарната соработка, Џафери информира за програмата „ИПС“ за стажирање на млади кадри во германскиот Бундестаг. Тој ги информираше присутните и за актуелните реформски процеси во Собранието на Р. Македонија и заокружувањето на пакетот реформи кои произлегуваат од Планот 3-6-9 со поддршка на опозицијата.
Џафери говореше и за преземените чекори во насока на подобрувањето на добрососедските односи со Бугарија и Грција.
Од друга страна, Крихбаум, заблагодарувајќи се на можноста за реализација на денешната средба, особено позитивно се изрази за програмата „ИПС“ и за можноста стипендистите да посетуваат обука во Собранието на Македонија пред нивното заминување во Германија.
Крихбаум повика на поголема соработка со опозицијата и на политички дијалог во однос на евроинтегративните процеси, за кои, според него, треба да постои наднационален и натпартиски интерес меѓу сите политички чинители, што, пред сè, оди во прилог на младите генерации во земјата и нејзината европска перспектива.
На крајот на средбата, Крихбаум ја потврди поддршката на Бундестагот во кој мнозинството пратеници се за евроинтеграциските процеси, а и генералната поддршка на Германија за членството на Македонија во ЕУ и НАТО.