Admir Fazlagic
12 Април 2018•Ажурирај: 12 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) – По денешната одржана средба во Охрид, министрите за надворешни работи на Република Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас истакнаа дека има напредок, но дека остануваат најтешките теми од преговорите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, на заедничката прес-конференција со неговиот грчки колега, Никос Коѕијас, изјави дека е постигнат напредок за, како што рече, дел од прашањата кои се веќе созреани, а за дел од прашањата сè уште постојат разлики.
Исто така, министерот Димитров посочи дека со грчкиот министер Коѕијас имале отворени и искрени разговори, и дека за првпат станало збор за временската рамка, како и за чекорите како да се имплементира евентуалниот договор.
„Разговаравме без надмудрување, со разбирање на потребите на другиот. Како да ги ставиме настрана главните грижи на двете страни“, рече Димитров.
Шефот на македонската дипломатија информираше дека истовремено денеска се одржала и средба на работните групи на двете министерства на ниво на високи дипломати, кои врз основа на напредокот од разговорите во Виена го усогласуваат текстот за идната соработка во различни области.
Димитров додаде дека дипломатите работат и на текст за спречување на иреденетизмот од двете страни и на делови од преамбулата на евентуалниот договор.
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, истакна дека денеска е направен напредок и на ниво на министри и на ниво на работни групи.
„Има напредок. Остануваат помалку теми за решавање, но тоа се најтешките. Денеска направивме позитивен чекор и се надеваме дека ќе направиме тешките проблеми да станат полесни. Се обидуваме да решаваме проблеми предизвикани во минатото и од други“, рече Коѕијас.
Потсетуваме, шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, последен пат престојуваше во Република Макеоднија на 23 март годинава, кога се состана со владините претставници.