Zuhal Demirci
13 Септември 2021•Ажурирај: 15 Септември 2021
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија започнува со тестирање на крвта што може да се искористи за откривање на повеќе од 50 видови рак пред да се појават симптомите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Националниот центар за здравје на Велика Британија (NHS) денеска го започнува „најголемото тестирање на крвта во светот“ развиено за рано откривање рак.
Тестот, наречен „Галери“, развиен од американската компанија „Грејл“ (Grail), ќе ја испитува ДНК-та во крвта на пациентот за да утврди дали е присутна некоја од клетките на ракот.
Националниот центар за здравје соопшти дека сака да регрутира 140.000 волонтери, на возраст меѓу 50 и 77 години, со различно потекло и етничка припадност, од 8 региони на Велика Британија. Оние што ќе учествуваат на тестирањето треба да не се дијагностицирани со рак во последните 3 години.
- „Може да биде почеток на револуција во откривањето и лекувањето на ракот во светот“ -
Аманда Притчард, извршната директорка на Националниот центар за здравје, рече: „Овој брз и едноставен тест на крвта може да биде почеток на револуција во откривањето и лекувањето на ракот овде и низ целиот свет. Со откривањето на ракот пред да се појават знаци и симптоми, имаме најголеми шанси да го излечиме и да им помогнеме на луѓето колку што е можно повеќе. Можеме да ја дадеме најдобрата шанса за преживување.“
Притчард рече дека тестирањето може да одигра важна улога во полесно лекување на ракот во рана фаза.
Питер Сасиени, професор по превенција од рак на „Кингс колеџ“ во Лондон, рече: „Треба внимателно да го испитаме тестот ‘Галери‘ за да откриеме дали може значително да ги намалиме бројките на рак дијагностициран во доцните фази.“
Првите резултати од крвната анализа се предвидува дека ќе бидат добиени до 2023 година. Доколку е успешен ќе може да се користи од 2024 година.
Според податоците на Националниот центар за здравје, ракот на белите дробови, дебелото црево, простатата и дојката сочинуваат 45 проценти од смртните случаи од рак во Велика Британија.
Ракот на белите дробови е далеку најчестиот вид смрт од рак во земјата и претставува околу една петтина од сите смртни случаи поврзани со рак.