АНКАРА (АА) - Возилата на хидрогенски погон дизајнирани од студенти привлекоа голем интерес на посетителите на најголемиот турски саем за технологија и аеровоздухопловство, ТЕХНОФЕСТ, пишува Анадолу.
Возилата на хидрогенски погон, кои ја користат моќта на водородот, се поефикасни и поеколошки од возилата што се потпираат на конвенционални мотори со внатрешно согорување, бидејќи тие генерираат електрична енергија со користење на електрохемиски реакции, кои не оставаат штетни емисии зад себе.
Универзитетите инвестираат многу во возилата на хидрогенски погон со оглед на тоа што Туркије се стреми кон достигнување на целта за нула емисии до 2053 година.
ТЕХНОФЕСТ, чијшто глобален комуникациски партнер е Анадолу, им овозможува на универзитетите можност да ги презентираат овие проекти, кои играат клучна улога во усвојувањето на зелените технологии во земјата.
Од 60-те електрични возила кои се натпреваруваат на трката „Меѓународен предизвик за ефикасност на електричните возила“, 10 се напојувани со водород.
Трката има за цел да ја зголеми свеста за употребата на алтернативни и чисти извори на енергија во автомобилската индустрија и да ги поттикне студентите да ги следат случувањата во сродните технологии.
Според Хакан Терзиоглу, доцент на Одделот за електронски инженеринг на Универзитетот Селчук, проектите за возила на хидрогенски погон на студентите се од клучно значење.
Овие проекти „ќе ја унапредат употребата на хидрогенската технологија во електричните автомобили во време кога земјите се обидуваат да се одвикнат од користењето на фосилните горива како нафтата и природниот гас“, рече Терзиоглу за Анадолу.
Истакнувајќи дека употребата на хидрогенското гориво се планира да се зголеми во следните пет години, Терзиоглу нагласи дека водородот претставува една од најчистите и најевтините форми на гориво.
„Во текот на првите години на ТЕХНОФЕСТ, беспилотните летала дизајнирани од нашите студенти беа во прв план“, рече Терзиоглу, укажувајќи на значењето на ТЕХНОФЕСТ во успешната приказна на турската компанија „Бајкар“, голем дизајнер и производител на беспилотни летала.
Компанијата потпиша договор со Саудиска Арабија во јули за обезбедување на своите беспилотни борбени летала „Бајрактар Акинџи“. Договорот претставува досега најголемиот договор на Туркије за извоз од областа на одбраната и воздухопловството со Ријад.
„Со оглед на тоа што мнозинството студенти кои работат во Бајкар имаат учествувано во проектите на ТЕХНОФЕСТ, се надеваме дека ТЕХНОФЕСТ, исто така, ќе придонесе во напредокот на нашите студенти кои дизајнираат возила на хидрогенски погон“, додаде тој.
- Водородот е „гориво на иднината“ -
Вели Челик, декан на Факултетот за воздухопловство и вселенски науки на Универзитетот во Анкара „Јилдирим Бејазит“, рече дека неговите студенти годинава учествуваат на ТЕХНОФЕСТ со проект за електричен автомобил, но дека следната година ќе учествуваат со возило на хидрогенски погон.
„Водородот е чиста енергија бидејќи кога согорува не испушта штетни материи во животната средина и произведува вода наместо стакленички гасови“, објасни Челик, истакнувајќи дека водородот е „гориво на иднината“.
Енес Муса Гучлутурк, студент во четврта година на Катедрата за електроинженерство при Универзитетот во Анкара, учествуваше на ТЕХНОФЕСТ со своето возило на хидрогенски погон „ТУРАЗ-У1“.
Бидејќи хидрогенската технологија сè уште не е целосно истражена, Гучлутурк рече дека неколку универзитети спроведуваат истражувања и развојни студии за искористувањето на водородот.
Гучлутурк, член на Хидрокет, група која има за цел да произведе возило напојувано со водородна енергија, го претставува и својот универзитет како капитен на трката „Меѓународен предизвик за ефикасност на електрични возила“.
news_share_descriptionsubscription_contact
