Gökhan Ergöçün
18 Септември 2019•Ажурирај: 19 Септември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Технолошките гиганти од целиот свет им посакаа добредојде на посетителите на Фестивалот за воздухопловство и технологија „Технофест“, што се одржува оваа недела во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Водечките компании во светот на технологијата како „Гугл“ (Google) и „Мајкрософт“ (Microsoft), потоа корејската компанија „Самсунг“ (Samsung), и руската Обединета корпорација за производство на авиони (ОАК), привлекуваат огромен број посетители.
Посетителите на фестивалот, меѓу кои и студенти од сите возрасти, во голем број се заинтересирани за вклучување во активностите што ги нудат технолошките компании на овогодишниот „Технофест“ за аугментирана реалност, за кодирање и за дигиталните технологии.
„Мајкрософт“, со поддршка на турската невладина организација „Хабитат“, која се базира на развојот, им даде можност на гејмерите да ги испробаат своите вештини за кодирање со помош на популарната компјутерска игра „Мајнкрафт“ (Minecraft).
Посетителите исто така ги искористија и програмите на „Гугл“ - „Digital Garage“ и „Developers“.
И „Самсунг“ им овозможува на посетителите да ги испробаат технолошките достигнувања, меѓу кои и паметните системи за домашна автоматизација и опремата за виртуелна реалност.
- „Технофест“ - Истанбул -
Аеродромот „Ататурк“ во Истанбул е домаќин на шестдневниот фестивал, во заедничка организација на Фондацијата на турскиот технолошки тим и Министерството за индустрија и технологија. Anadolu Agency (АА) е глобален комуникациски партнер на фестивалот.
Фестивалот може да се пофали со низа активности како авијациски шоуа, семинари, работилници, шампионат на дронови, разни натпревари и концерти.
Минатогодишниот фестивал, чиј домаќин беше новиот Аеродром Истанбул, го посетија над половина милион луѓе. Оваа година се очекува двојно поголем број, односно милион посетители.