Mehmet Alaca
09 Февруари 2022•Ажурирај: 12 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Количините на мраз во глечерите низ светот е за 20 отсто помала од предвиденото, што би можело да влијае на населението кое зависи од тие глечери за снабдување со питка вода, покажува ново истражување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Наведувајќи ја студијата објавена во „Нејчр џиосајанс“ (Nature Geoscience), месечно научно списание, „Ал Џезира“ во понеделникот објави дека напредокот направен во сателитската технологија открил дека глечерите во светот содржат значително помалку мраз отколку што се мислело.
„Од анализата на повеќе од 800.000 фотографии од глечери направени 2017-2018 година, студијата откри дека многу од нив биле поплитки од претходно проценетото“, се додава во извештајот.
„Научниците сега проценуваат дека има 20 отсто помалку мраз со потенцијал да се стопи во океанот и да го подигне нивото на морето“, се вели во извештајот.
Меѓутоа, бидејќи Гренланд и Антарктикот (не се вклучени во студијата) се главните двигатели на подигнувањето на нивото на морето, не се очекува новите податоци да имаат големо влијание врз таа закана.
Спротивно на тоа, околу 1,9 милијарди луѓе кои зависат од глацијалниот истек на вода за пиење и за земјоделството може да го почувствуваат притисокот додека глобалното затоплување ги топи тие извори на вода.
Според студијата, додека азиските Хималаи содржат 37 отсто повеќе мраз отколку што беше претходно проценето, глечерите на Андите во Јужна Америка содржат приближно 27 отсто помалку мраз.
„Веќе глечерите во Перу изгубија 40 отсто од својата површина од 1970-тите“, се вели во студијата.
Водечкиот автор на истражувањето, Ромен Милан, глациолог од францускиот Универзитет „Гренобл Алпи“, рече дека сателитите со висока резолуција им овозможиле да ја направат првата анализа за тоа како се движат 98 отсто од глечерите во светот, од малите глечери на Андите до масивните глечери во Свалбард, Норвешка и Патагонија, во Јужна Америка.
„Најпогодени делови од светот се Андите“, додаде тој.