Shuriah Niazi
18 Јуни 2023•Ажурирај: 19 Јуни 2023
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Најмалку 98 лица починаа во индиските држави Утар Прадеш и Бихар во последните три дена како последица на екстремно високите температури што ја зафатија земјата, пренесува Анадолу.
Делови на Индија во последните неколку дена се зафатени од топлотен бран со температури над 40 степени Целзиусови, поради што 54 лица починаа во северната држава Утар Прадеш, а 44 во источен Бихар.
54-те смртни случаи во Утар Прадеш се пријавени во округот Балиа, каде најмалку 400 лица се примени во болница на лекување.
Медицинскиот началник СК Јадав изјави дека тим од Лахнау, главниот град на индиската држава Утар Прадеш, ќе пристигне за да го истражи случајот.
„Овој тим ќе провери дали некоја друга болест е причина за смртта на овие лица. Поголемиот дел од пациентите имале други болести, како хипертензија и дијабетес“, рече Јадав за АА.
Во округот Балиа денес е регистрирана максимална температура од 43 степени Целзиусови.
Уште 44 лица починаа во источната индиска држава Бихар поради големите горештини, од кои 35 во Патни, главниот град на Бихар. Во овој град во петокот е регистрирана максимална температура од 44,7 степени Целзиусови, додека температурата и во останатите 11 окрузи ја минала вредноста од 44 степени Целзиусови.
Индискиот метеоролошки завод предвидува горештини и високи температури во голем број индиски држави и издаде црвено предупредување за Бихар.
Многу индиски држави го продолжија летниот распуст во училиштата поради топлото лето.