Beyza Binnur Dönmez
28 Март 2023•Ажурирај: 29 Март 2023
ЖЕНЕВА (АА) - Повеќе од половина од ајкулите и ражите во Медитеранот се изложени на ризик од изумирање поради зголемениот риболов, климатската криза и загадувањето, покажа истражувањето на Институтот Каваниљес при Универзитетот во Валенсија, пренесува Анадолу.
Ајкулите и ражите, кои играат фундаментална улога во регулирањето на морските екосистеми бидејќи ја контролираат популацијата на својот плен, се многу ранливи на човечките активности поради нивниот бавен раст, доцната зрелост и малкуте потомци, објави шпанската новинска агенција EFE, повикувајќи се на истражувањето.
Ризикот од истребување го загрозува функционирањето на морските екосистеми, се наведува во истражувањето.
Иако ајкулите и ражите не се цел на риболовот во Медитеранот, тие се фаќаат случајно, се наведува и се додава дека подоброто менаџирање на нивната популација е неопходно за нивниот опстанок.
„Разбирањето на тоа како заедницата се менува со климатските и еколошките услови ни овозможува подобро предвидување на можните влијанија на климатските промени и уништувањето на живеалиштата, со цел да се воспостават приоритети за нејзино зачувување“, нагласува првиот автор на статијата, Дејвид Руиз-Гарсија.
Според статијата, риболовот, исто така, игра клучна улога во модифицирањето на заедницата на ајкули, особено во областите со најголема фреквенција на риболов.
„Овие видови се способни да ги издржат влијанијата на човечките активности, благодарение на нивната брза и поголема репродукција. Сега се движиме кон екосистем што е помалку разновиден, поедноставен, помалку продуктивен и помалку способен да ги претпостави промените што може да се случат во иднина поради глобалните промени“, додаде Руиз-Гарсија.
„Од суштинско значење е секторот да може адекватно да ги идентификува заштитените 'рскавични видови риби, како и правилно да се справи со нив кога се на брод, со цел да го обезбеди нивниот опстанок по фаќањето“, рече тој.