Dilan Pamuk
11 Октомври 2021•Ажурирај: 12 Октомври 2021
СТОКХОЛМ (АА) - Нобеловата награда за економија за 2021 година ја добија тројца економисти од Соединетите Американски Држави (САД) за нивниот придонес во економијата на трудот и анализата на причинско-последичните односи, соопшти шведската Кралска академија на науките, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Наградата „Сверигес Риксбанк“ за економски науки во спомен на Алфред Нобел ја доби Дејвид Кард „за неговиот емпириски придонес во економијата на трудот“ и Џошуа Д. Ангрист и Гвидо В. Имбенс, кои потекнуваат од Холандија, за нивниот методолошки придонес во анализата на причинско-последичните односи.
Минатата година, наградата за економија им беше доделена на американските економисти Пол Р. Милгром и Роберт Б. Вилсон „за подобрување на теоријата на аукцијата и создавање нови формати на аукција“.
Вкупно 13 луѓе ги добија Нобеловите награди за 2021 година, вклучувајќи ги Дејвид Џулиус и Ардем Патапутијан за медицина, Сјукуро Манабе, Клаус Хаселман и Џорџо Париси за физика, Бенџамин Лист и Дејвид Мекмилан за хемија, Абдулразак Гурнах за литература и Марија Реса и Дмитриј Муратов за мир.
Нобеловата награда за првпат беше доделена во 1901 година, а на почетокот се доделуваше во пет области, но од 1968 година почна да се доделува во областа на економијата, кога беше воспоставена од шведската централна банка „Сверигес Риксбанк“.
Нобеловата награда во чест на шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел (1833-1896) се доделува секоја година за најголемите достигнувања што придонесоа за човештвото во текот на претходната година.