Asiye Latife Yılmaz
05 Март 2025•Ажурирај: 07 Март 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Топлината од Сонцето може да игра улога во земјотресната активност на Земјата, покажува новото истражување објавено во научното списание „Chaos“, пренесува Анадолу.
Истражувачите од јапонскиот Универзитет Цукуба и Националниот институт за напредна индустриска наука и технологија открија дека сончевата топлина предизвикува промени во атмосферската температура, а тоа може да влијае врз својствата на карпите и движењето на подземните води.
Ваквите флуктуации, на пример, може да ги направат карпите покршливи и склони кон распукување, а промените во врнежите и топењето на снегот може да го променат притисокот на границите на тектонските плочи, рече авторот Матеус Хенрике Џункеира Салдана.
„Иако овие фактори можеби не се главни двигатели на земјотресите, тие сепак би можеле да играат улога што може да помогне во предвидувањето на сеизмичката активност“, рече Салдана.
Истражувачите примениле математички модели на податоци од земјотресите, сончевата активност и температурите на површината, откривајќи дека вклучувањето на површинските температури ја подобрува точноста на предвидувањето, особено за плитки земјотреси.
„Тоа има смисла бидејќи топлината и водата најмногу влијаат врз горните слоеви на Земјината кора“, нагласи Салдана.
„Тоа е возбудлив правец и се надеваме дека нашата студија фрли барем малку светлина на поголемата слика за она што ги предизвикува земјотресите“, рече Салдана.