Zeynep Duyar
30 Август 2023•Ажурирај: 01 Септември 2023
АНКАРА (АА) – Во турската престолнина Анкара се отвори второто издание на најголемиот светски фестивал на воздухопловство и технологија ТЕХНОФЕСТ 2023 по повод 100-годишнината на Република Туркије, јавува Анадолу.
ТЕХНОФЕСТ се одржува во организација на 125 институции, меѓу кои се и Турската фондација за технологија (Т3), Министерството за индустрија и технологија, други министерства, бројни компании од јавниот и приватниот сектор и академски установи.

ТЕХНОФЕСТ во Анкара се одржува во рамките на визијата на „Националното технолошко движење“ за целосна технолошка независност на Република Туркије.
На првиот ден од фестивалот учесниците ќе можат да погледнат и да учествуваат во многу активности, од вертикален аеротунел, набљудување на Сонцето, симулациски настани до бројни едукативни работилници.
Меѓу настаните што ќе се одржат првиот ден се и натпреварите „Земјоделски технологии“, „Технологии за транспорт и мобилност“, „Вселенски, воздухопловни и одбранбени технологии“, „Образовни технологии“ и „Технологии за справување со катастрофи“.

И оваа година, како и изминатите, во рамките на фестивалот се одржува аеромитинг. На аеромитингот ќе настапат и националниот аеробатски тим „Турски ѕвезди“, беспилотното борбено летало Бајрактар ТБ2, Бајрактар ТБ3, борбеното беспилотно летало Бајрактар АКИНЏИ и турскиот воен хеликоптер АТАК.
ТЕХНОФЕСТ во Анкара се одржува на аеродромот „Етимесгут“ од 30 август до 3 септември.

На фестивалот учествуваат вкупно 103 институции и 131 компанија од повеќе сектори.
ТЕХНОФЕСТ прв пат се одржа во 2018 година. Агенција Анадолу е глобален комуникациски партнер на ТЕХНОФЕСТ.