Gökhan Ergöçün
01 Мај 2025•Ажурирај: 02 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Долгоочекуваниот турски фестивал од областа на технологијата ТЕХНОФЕСТ денес ги отвори своите врати во Турската Република Северен Кипар (TRNC) (TEKNOFEST TRNC 2025), собирајќи илјадници ентузијасти, иноватори и посетители од целиот свет, јавува Анадолу
Четиридневниот настан се одржува на стариот аеродром Ерџан во главниот град Лефкоса, под покровителство на Претседателството на Турската Република Северен Кипар, и има преполна агенда на натпревари, аерошоуа, изложби и работилници.
Над 47.000 лица од 22 земји аплицираа за учество на овогодинешните натпревари, а 268 тима и 1.083 финалисти се пласираа во финалето. Од финалистите, 334 се жени, а 749 се мажи.
Натпреварите се во шест главни категории и 13 подкатегории, презентирајќи иновации во воздухопловството, роботиката, софтверот и другите области од високата технологија.
Како и секоја година, така и оваа, ТЕХНОФЕСТ има и многу промотивни и штандови за презентации.
Вкупно има 116 штандови, вклучително 81 штанд на компании од сродните области, 11 штандови на спонзори, четири штандови на компании/институции учеснички и 20 за рестораните за храна.
За време на фестивалот, ќе се одржат и демонстративни летови со национални и домашни воздухоплови, меѓу кои Бајрактар, АКИНЏИ, Бајрактар ТБ2, ХУРКУШ, АНКА, АКСУНЃУР, Челичните крила на жандармеријата, хеликоптерот АТАК, Турски ѕвезди, СОЛОТУРК и многу други.
Организиран од Фондацијата на Турскиот технолошки тим (T3) и Министерството за индустрија и технологија на Туркије, ТЕХНОФЕСТ се одржува секоја година од 2018 година со поддршка на десетици владини тела, партнери од приватниот сектор и универзитети.
Агенција Анадолу е глобален комуникациски партнер на фестивалот.
Иако настанот традиционално се одржува во различни турски градови во парни години и во Истанбул во непарни години, Турската Република Северен Кипар (ТРСК) е втор меѓународен домаќин по Азербејџан, кој беше домаќин на ТЕХНОФЕСТ во 2022 година.
Минатата 2024 година, настанот во јужниот турски град Адана привлече околу 1,1 милион посетители.