Elena Trenchevska Chekovic
16 Август 2025•Ажурирај: 19 Август 2025
СКОПЈЕ (АА) - Турските научници ги истражуваат микропластиката, морскиот свет и промените во екосистемите околу норвешкиот архипелаг Свалбард, како дел од 5-тата Национална арктичка научно-истражувачка експедиција на Турција, јавува Анадолу.
Истражувачите во рамки на експедицијата наидоа на ретките Сеи китови во арктичкиот регион во средата, каде што реализираа прелиминарни наоди од проекти што опфаќаат повеќе дисциплини.
Глобалната популација на сеи китовите значително се има намалено поради историскиот комерцијален лов на китови во текот на 19-тиот и 20-тиот век. Се проценува дека 300.000 Сеи китови се убиени поради нивното месо и масло.
Инаку, мисијата, спроведена под покровителство на турското Претседателство и координирана од Поларниот истражувачки институт на ТУБИТАК, е фокусирана на ефектите од топењето на морскиот мраз врз морските екосистеми и улогата на микропластиката како носител на загадувачи.
Турција ја предводи својата петта научно-истражувачка експедиција на Арктикот со цел да изнајде одговори во врска со иднината на планетата преку 19 проекти што ќе се спроведат во морската средина на регионот.
Научно-истражувачкиот тим, предводен од Претседателството на Турција, вклучува учесници од Научно-технолошката истражувачка институција (ТУБИТАК), Дирекцијата за навигација, хидрографија и океанографија (SHOD), новинската агенција Анадолу и разни универзитети од Истанбул, Анкара и Измир, како и тројца гости-истражувачи од Бугарија, Аргентина и Еквадор.