Abdula Berisha
10 Јули 2019•Ажурирај: 11 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за образование и наука на Република Северна Македонија, Арбер Адеми, заедно со владиниот портпарол, Муамет Хоџа, информираа за донесените одлуки на 143-та владина седница, на заедничка прес-конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот Хоџа информираше дека Владата усвоила два предлог-закони од областа на образованието, за кои министерот Адеми зборуваше подетално. Тој рече дека со двата предлог-закони, за основно образование и за наставниците и стручните соработници, Владата и Министерството за образование и наука преземаат суштински реформи во образованието.
Тој појасни дека Законот за основно образование се фокусира на исполнување на потребите од учениците со посебни потреби, организирање на учениците и на елиминирање на политичките и партиските влијанија во основните училишта.
„За мене, едно од најважните прашања е унапредувањето на процесот на инклузија на сите ученици со посебни потреби и попречености. Законот предвидува целосно вклучување на сите ученици со посебни потреби во редовните училишта. Така што посебните училишта и посебните паралелки ќе се трансформираат. Посебните училишта во ресурсни центри и специјалните паралелки во центри за поддршка“, рече Адеми, додавајќи дека тие ќе служат како поддршка за редовните училишта и нема можат да се запишуваат ученици од учебната 2022/2023 година.
Адеми, исто така, рече дека со предлог-законот одобрен од Владата, бројот на учениците во училницата ќе биде намален на 20 до 30 ученици, од досегашните 24 до 34. Тој, исто така, рече дека ќе се сменат составот и надлежностите на училишниот совет, кој ќе одлучува за директорот на училиштето, одлука што треба да ја спроведуваат градоначалниците или министерот за образование. Со ова, според Адеми, се елиминира можноста за партиска или политичка интервенција, бидејќи шест од седумте члена на советот ќе бидат составени од наставници и родители.
Зборувајќи за предлог-законот за наставниците и професионалните соработници, министерот за образование рече дека тој ќе обезбеди поголема мотивација за постигнување подобри резултати. Адеми рече дека е вистина дека наставниците „од првиот работен ден до нивното пензионирање“ не биле унапредувани.
„Затоа, со овој предлог-закон предвидовме конкретни решенија во однос на професионалниот развој, развојот во кариерата, предвидувајќи конкретни скалила за унапредување во кариерата во согласност со нивните резултати, во согласност со нивното искуство, во согласност со постигнувањата на наставниците“, рече Адеми, додавајќи дека овој напредок исто така ќе има финансиски импликации.
Министерот за образование рече дека ќе одржи средби со сите политички партии застапени во Собранието на Северна Македонија, со цел Законот да биде усвоен пред почетокот на новата учебна година, односно пред први септември.
Покрај тоа, портпаролот Хоџа информираше дека на владината средба меѓу другото се разговарало и за првиот состанок на Меѓувладината комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија, врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, при што министрите ги прифатиле предлозите за заеднички чествувања кои се надоврзуваат на заедничката историја и заедничките личности.