Husamedın Gına
27 Декември 2019•Ажурирај: 28 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Самостојниот синдикат на образование, наука и култура (СОНК), денеска потпишаа спогодба со која вработените во образованието и науката од 1 јануари ќе добијат повисоки плати за 10 проценти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Спогодбата ја потпишаа министерот за образование и наука, Арбер Адеми и претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Според спогодбата, од 1 јануари околу 20.000 вработени во основното образование, а 8.000 во средното образование ќе добијат плата повисока за 10%.
На потпишувањето на договорот присуствуваше и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, кој истакна дека Владата за две и пол години платите во образованието и културата ги зголемила за 2.150 денари.
„Повеќе од кога и да било порано, образованието мора да биде визионерско и ориентирано кон иднината. Образование кое ќе ги пресретне, прифати и аплицира брзите научно-технолошки иновации и промени кои ќе ги одредат социоекономските перспективи“, нагласи премиерот Заев.
Тој истакна дека договорот ќе даде дополнителни мотивации за наставниците.
Со спогодбата, како што рече министерот за образование, Арбер Адеми, се подобрува материјалниот статус на вработените во образованието.
„Со овие политики, со овие покачувања на платите во основното, средното, високото оразование и во науката, даваме голем придонес, сериозен придонес за подобрување на материјалниот и општествениот статус на вработените во дејноста образование“, истакна министерот Адеми.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, истакнувајќи дека се задоволни од покачувањето на платите, рече дека за следниот период останува потпишувањето на колективниот договор за високо образование и наука.