Abdula Berisha
02 Септември 2019•Ажурирај: 03 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за образование и наука во Владата на Република Северна Македонија, Арбер Адеми, го посети Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во скопската Општина Аеродром, по повод почетокот на новата учебна година, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Адеми им го честиташе почетокот на новата учебна година на сите ученици, особено на оние кои за прв пат седнаа во училишните клупи.
„На сите ученици им посакувам многу здравје, среќа, успех, многу знаења, позитивни резултати кои ќе им помогнат да се оформат како личности и да продолжат со нивното надградување на личниот и професионален живот“, рече Адеми.
Министерот за образование, исто така, им посака успех и на наставниците, за кои рече дека се најважната алка во образовниот систем.
„Како Влада, сме силно ангажирани да го подобриме нивниот статус и општествена положба, бидејќи сме свесни дека од нив и нивната мотивираност за работа, зависи квалитетот на генерациите кои ги создаваме и кои полека ги преземаат улогите на повозрасните во сите општествени сфери“, рече Адеми.
Тој потсети дека со почетокот на новата учебна година платите на наставниците се зголемиле за 5 проценти, што е второ вакво зголемување во текот на една година.
Прашан за предупредувачкиот штрајк организиран од Синдикатот за образование, Адеми рече дека со овој синдикат имаат коректен и конструктивен дијалог, додавајќи дека овој дијалог ќе продолжи и во иднина.
Синдикатот за образование во земјата претходно најави предупредувачки штрајк на првиот ден од учебната година, барајќи поголеми зголемувања на платите. Синдикатот, исто така, најави и генерален штрајк, кој би можел да биде организиран доколку нивните барања не бидат исполнети до крајот на овој месец.
Министерот за образование, исто така, рече дека во 2019 година се издвоени 1,3 милијарди денари повеќе за основното и средното образование во однос на 2017 година.
Дел од овие средства се инвестирани токму во училиштето „Лазо Ангеловски“, каде што е изградена нова кровна конструкција. Учениците од ова училиште, по повод почетокот на новата учебна година, подготвија приредба со различни песни и рецитали.
Министерот Адеми во текот на денот, исто така, го посети и Основното училиште „Бајрам Шабани“ во Кондово, Општина Сарај.