Sarp Özer
12 Октомври 2019•Ажурирај: 13 Октомври 2019
ШАНЛИУРФА (AA) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, изјави дека не се точни наводите дека Турската војска во рамките на операцијата „Извор на мирот“ ја гаѓала набљудувачката точка на Соединетите Американски Држави (САД) на северот на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Акар го посети пограничниот простор во близина на градот Шанлиурфа, каде што одржа состанок со генералите и командантите кои директно се вклучени во операцијата „Извор на мирот“, а во таа прилика е информиран за самиот тек на операцијата.
„Уште еднаш ќе победиме за нашата татковина и народот“, рече Акар, нагласувајќи дека Вооружените сили на Турција (ТСК) водат многу значителна борба во операцијата „Извор на мирот“.
На прашањето на новинарот на АА за наводите дека во текот на акцијата е гаѓана набљудувачката точка на САД, Акар рече дека станува збор за дезинформации.
„Од ридовите кои се оддалечени околу километар од набљудувачките точки на САД, вршени се провокациски напади врз нашите станици во Доцка. Во согласност со правилата за самоодбрана, гаѓани се положбите од кои е отворен оган, но во ниту еден случај не е нападната база на САД. Пред нападот се преземени сите неопходни мерки за да не дојде до тоа. Всушност, тврдењата дека се нападнати САД и коалициските сили се неточни“, рече Акар.
Министерството за одбрана на Турција утрово потврди дека досега во операцијата „Извор на мирот“ на северот на Сирија се неутрализирани вкупно 415 терористи.
Турските сили успешно продолжија со спроведување на операцијата источно од Еуфрат, а во рамките на операцијата од копно и од воздух успешно се погодени бројни позиции на терористите на ПКК/ПЈД-ЈПГ.
Турските сили на 9 октомври ја започнаа операцијата „Извор на мирот“ во североисточна Сирија, односно во пограничниот појас на источниот брег на Еуфрат, кој е под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, кажа дека целта на операцијата е со елиминирање на терористичките елементи да се обезбеди турската граница и да се спречи воспоставување терористички коридор. Целта е и воспоставување безбедносна зона за враќање на сириските бегалци и зачувување на територијалната целост на Сирија.
Турција предупредува дека терористичката операција ПКК и нејзиниот сириски огранок ЈПГ/ПЈД претставуваат најголема закана за безбедноста на Сирија, бидејќи го загрозуваат нејзиниот територијален интегритет и целост.