Ekipa
25 Октомври 2019•Ажурирај: 26 Октомври 2019
РАС АЛ АЈН (AA) - ОМЕР КОПАРАН -
Мухамед Румане е еден од жителите кои се вратија во Рас ал Ајн, северна Сирија, откако беше исчистен од терористите во рамките на операцијата „Извор на мирот“, а неговата куќа ја најде претворена во седиште на терористичката организација ЈПГ/ПКК, пишува Anadolu Agency (AA).
Жителите на гратчето Рас ал Ајн, кое беше исчистено од терористите во рамки на турската операција „Извор на мирот“, се враќаат во своите домови кои биле запленети од страна на терористите на ЈПГ/ПКК.
Мухамед Румане, кој 20 години бил директор на Управата за водостопанство во Рас ал Ајн, по 6 години се врати во својот дом.
Камерманите на АА го придружуваа Румане при враќањето во неговиот дом, кој по влегувањето беше лут поради ситуацијата во која го затекна својот дом.
Румане, инаку градежен инженер, едно по едно ги отстрани таканаречените знамиња на оваа терористичка организација, кои биле поставени на ѕидовите на неговата куќа, како и постерите на челникот на оваа терористичка организација, Абдула Оџалан, и на други водачи.

„Оваа куќа со моите раце ја дизајнирав. Пред 30 години ја купив оваа куќа, и моите деца растеа тука. (Терористите на ЈПГ/ПКК) Мојот дом го претвориле во седиште“, истакна Румане.
„Ова се нивни фотографии. (Покажувајќи со прст) И овој е терористот Абдула Оџалан, кој го сметаат за бог. Ова се нивните валкани знамиња кои ги поставиле на ѕидовите“, рече тој, шетајќи се низ собите на неговата куќа.
Румане рече дека Асадовиот режим во 2013 година се повлекол од Рас ал Ајн и дека контролата врз ова подрачје ја предал на ЈПГ/ПКК. Според него, тој самиот и членовите на неговото семејство биле принудени од терористите да го напуштат ова подрачје.

Тој изрази задоволство што се вратил во својот дом, упатувајќи благодарност до Турција и претседателот Реџеп Таип Ердоган.
„Ние сме вистинските сопственици на овие територии“, додаде Румане.
„Сега влегуваме во собата на моите деца. Моите мили деца беа родени во оваа куќа. Оваа соба беше на моите деца, внатре имаше кревети, регали и играчки. А сега самите ги гледате овие валкани нешта. Ги гледате валканите работи кои ги поставиле на ѕидовите“, истакна тој.
Инаку, терористичката организација ЈПГ/ПКК голем број простории меѓу кои џамии, цркви и куќите на цивилите во подрачјето на Рас ал Ајн, кое го држеше под окупација, ги претвори во седиште и ги користеше како база за време на нападите кои ги изврши на територијата на Турција.