Besar Ademi
27 Декември 2018•Ажурирај: 27 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во своето новогодишно обраќање пред партиските членови, осврнувајќи се на Договорот со Грција за решавање на спорот за името, чија имплементација е услов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите со Европската Унија (ЕУ), истакна дека Македонија се наоѓа во последните минути на една голема игра, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерот на ДУИ, Ахмети, говореше за последните случувања во Македонија, и упати благодарност до меѓународните пријатели кои според него, биле тука за доброто на Македонија и нејзината иднина.
„Нашите проекти беа и остануваат значајни проекти. Сигурно дека без помошта, ангажираноста и олеснувањето од меѓународната заедница, немаше да бидеме таму каде што сме денес“, рече Ахмети.
Ахмети ги поздрави достигнувањата на земјата во процесите за интеграција, особено за поканата за членство во НАТО, за Законот за употреба на јазиците, кој сѐ уште целосно не се спроведува поради тоа што претседателот на земјата не го потпишува, како и позитивните односи со соседите.
Во врска со тоа што опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотира седницата за ратификување на Договорот со Грција за решавање на спорот за името, Ахмети упати апел до опозицијата да учествува во оваа одлука за иднината на земјата.
„Имаме енергија и големи капацитети за да не го оставиме овој процес ниту на милоста на судбината, ниту на милоста на ’гледачите‘. Затоа, упатуваме апел до опозицијата од двете страни да се вклучат во одлучувачката игра за конечниот успех. На 9 јануари почнува седницата за градење на најновата историја на оваа држава, организирана и признаена држава во сите структури, НАТО, Европската Унија (ЕУ), во пријателство и хармонија со сите земји во регионот“, додаде Ахмети.
Инаку, седницата за ратификување на овој Договор која ќе започне на 9 јануари, бара и промена на името на земјата во Република Северна Македонија, како и согласност на две третини, односно 80 пратеници во Собранието на Македонија, за потоа да се отвори патот на ратификувањето од страна на грчкото Собрание.
Ахмети се осврна и на спорот меѓу Косово и Србија, истакнувајќи дека тековните процеси се значајни бидејќи ги зајакнуваат и придонесуваат за регионалниот мир и стабилност.
„Сите знаеме дека сѐ уште остана една несредена црна дупка, проблемот меѓу Косово и Србија. Ние ги поттикнуваме страните да најдат енергија и да постигнат корисно решение меѓу нив“, рече Ахмети.
Ахмети истакна дека внимателно ги следи настаните меѓу Косово и Србија, и дека процесот за постигнување решение не е лесен, но, рече тој, овој спор бара решение еднаш засекогаш.
„Во оваа ситуација на Косово му треба суштински дијалог и ние веруваме во избраните власти, како на оние во позиција, така и на оние во опозиција. Но треба да се постигне конечно решение", рече Ахмети, додавајќи дека Србија претставува пречка за прифаќањето на Косово во меѓународните институции.