Besar Ademi
08 Октомври 2018•Ажурирај: 09 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски, по вонредната владина седница истакна дека Владата до Собранието го поднесе предлогот за пристапување на измена на уставот, кој содржи насоки за изменување и дополнување на уставот на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Инструкциите кои беа предложени денес на вонредната владина седница ќе треба да се разгледаат во Собранието, односно во Комисијата за уставни прашања, а потоа треба да премине на пленарна седница, каде за усвојување ќе треба двотретинско гласање на пратениците во Собранието на Македонија, кое има вкупно 120 пратеници.
Бошњаковски нагласи дека Владата усогласениот текст го утврдила во согласност со укажувањата изнесени на седницата, и истиот го поднела до Собранието на Македонија, за таму да продолжи понатамошниот процес на разгледување и гласање.
„Сите членови на Парламентот, сите пратеници, без разлика на која партија ѝ припаѓаат имаат историска должност и обврска пред граѓаните, да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет. Тоа е патот кон ЕУ и НАТО, кој води преку Договорот помеѓу Македонија и Грција“, додаде тој.
Според него, народот направи важен избор и дека мнозинството од граѓаните гласаа на референдумот, поддржаа едно прашање, една визија и една цел за иднината на земјата, која е на чекор да биде остварена.
„Од денес, остварувањето на оваа визија е во рацете на секој пратеник одделно, и таа зависи од нив, тие треба да донесат одлука со која ќе ја направат Македонија подобра земја, поубаво место за живеење на секој граѓанин“, рече владиниот портпарол.
Тој истакна дека предлогот за уставни измени и надополнувања содржи неколку точки, вклучувајќи ја придавката „Северна“, во името на Република Македонија, измени во преамбулата на Уставот, гаранција за територијалните граници на Македонија, како и грижа за граѓаните на Македонија во диаспората и пошироко.
Бошњаковски изрази очекување дека од утрешниот ден Собранието ќе ја започне работата со предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот.
Потсетуваме, по одржување на референдумот за прифаќање на Договорот со Грција и интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО, владата и опозицијата излегоа со различни ставови.
Владата побара договорот да биде ратификуван во Собранието со двотретинско гласање, коешто моментално не го поседува, или во спротивно предвремени парламентарни избори, додека опозицијата побара да се отфрли Договорот со Грција, или да се формира 100-дневна техничка влада за одржување на предвремени избори.
Излезноста на консултативниот референдум на 30 септември изнесуваше 36,91 отсто, од кои 91,46 отсто гласачи гласаа „за“, додека 5,65 отсто гласаа „против“.
За референдумот да помине успешно, според законот, беше потребна излезност над 50 отсто од вкупниот број на гласачи.