Admir Fazlagic
11 Октомври 2018•Ажурирај: 12 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври - Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Вооруженото востание против фашистичкиот окупатор, започнато на 11 октомври 1941 година, ни ја донесе слободата и остварувањето на сонот за формирање на македонска држава. Патот до конечната победа преку долготрајната Народноослободителна борба, исполнет со страдање и хероизам ни обезбеди место на страната на правдата и на човечноста. Борбата за слобода зеде многу жртви пред кои ние денес се поклонуваме и чие дело го славиме“, вели претседателот Иванов во честитката.
Затоа денес, како што наведува, 11 Октомври е повеќе од државен празник, тој е и отелотворување на идеалот за слобода и правда.
„На овој ден се слави пожртвуваноста и решителноста на македонскиот народ за слобода и за создавање на самостојна и независна држава. Тој идеал нè води и денес во остварувањето на подобра сегашност за денешните и подобра иднина за наредните генерации во Република Македонија“, вели Иванов.
Тој наведува дека Македонија секогаш била на страната на слободата и демократијата и дека со овие вредности нема правење компромиси.
„Затоа обединети и сплотени, да го продолжиме стремежот на борците од НОБ за просперитетна Република Македонија, приклучувајќи се како рамноправна држава во обединета Европа, Европа во која ќе нема мали и големи, позначајни и помалку вредни, Европа базирана на рамноправност, еднаквост и солидарност, Европа ‒ лулка на демократијата“, стои во честитката.
„На овој голем празник, уште еднаш, да се потсетиме на заветот кој ни го оставија нашите предци, достојно и гордо да го чуваме ова парче земја, бидејќи тоа е сè што имаме“, порачува Иванов.
Одбележувањето на 77-годишнината од почетокот на антифашистичкото востание и Народноослободителната војна, денеска во Република Македонија ќе се реализира со повеќе настани организирани од Владата, Собранието, Сојузот на борците и општините Прилеп и Куманово.
По повод државниот празник 11 Октомври - Денот на народното востание, владини и собраниски делегации ќе положат цвеќе во Скопје, Прилеп и Куманово.