Kristina Maslareviç
03 Декември 2015•Ажурирај: 04 Декември 2015
БЕЛГРАД (АА) - По состанокот со Министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, премиерот на Србија, Александар Вучиќ рече дека односите на двете земји низ историјата никогаш не биле полоши, но дека сега Србија сака најдобри можни односи со Австрија и ги повика австриските инвеститори да вложуваат во српското стопанство, јавува Anadolu Agency (АА).
„Ние разговаравме за одредени понатамошни инвестиции и се надевам дека во тоа ќе успееме и посебно сме им благодарни поради заинтересираноста на Австрија да се сочува регионалната стабилност“, рече Вучиќ и додаде дека тоа е суштината и најважен услов за Србија да успее во следниот период.
Образложувајќи ја својата загриженост за стабилноста во регионот, Вучиќ наведе дека е доволно да се погледнат земјите во регионот, па да се сфатат неговите причини за загриженост.
„Кога на тоа ќе го додадете и спорот помеѓу Русија и Турција, кој дополнително ќе ги продлабочи емоциите помеѓу православните и муслиманите во целиот регион, кога ќе ја видите мигрантската криза, кога ќе ги видите сите други проблеми, ситуацијата во Приштина, во другите земји на Балканот и недоволно цврстиот и јасен став на големите држави, тогаш ви е јасно зошто го имам тој страв и зголемената одговорност“, наведе премиерот на Србија.
Министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, упати честитки за доброто водење на OSCE во многу тешки моменти и се заблагодари на силата при водството, како на Србија, така и на премиерот Вучиќ.
„Во ваков тежок момент, со напнатоста поради бегалската криза, помеѓу Турција и Русија, поради конфликтот во Сирија, многу е важно да имаме стабилност и поради тоа сакам да се заблагодарам за тоа што Србија игра суштинска улога во регионот“, рече Куртц и додаде дека тоа е од пресудно значење за стабилноста на регионот.
Тој рече дека му е посебно мило што во процесот на евроинтеграциии, Србија за десетина дена ќе отвори две преговарачки поглавја и додаде, за да се забрза интеграцијата, треба да се продолжи со политиката која ја води Владата на премиерот Вучиќ.
Коментирајќи ја одлуката проектот „Турски тек“ да биде стопиран, премиерот на Србија, Александар Вучиќ рече дека тоа било очигледно по соборувањето на рускиот авион.
„Ова е очекувано по соборувањето на рускиот авион, но секако тоа не е среќна вест за нас. Ние се надеваме дека и со европските и со руските партнери ќе се успее да се пронајде решение. Она што ние можеме да го направиме, тоа е да направиме интерконекции колку што можеме повеќе “, рече Вучиќ.
Наведувајќи дека и за интерконекторите е потребно да потече гас, Вучиќ рече дека ова не е лесна ситуација, дека граѓаните не треба да имаат никаков страв, но кога се зборува стратешки за иднината, очигледно е дека ќе мора да се пронајде ново решение.