Besar Ademi
17 Октомври 2016•Ажурирај: 18 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на 116 пратеници, од кои 110 гласаа „за", а ниту еден против, донесена е одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија. Оваа одлука е резултат на договор за надминување на политичката криза со што се предвидува Собранието да се распушти 60 дена пред одржување на предвремените парламентарни избори, кои ќе се одржат на 11 декември, јавува Anadolu Agency (AA).
Предлогот за распуштање на Собранието беше даден од страна на опозициската СДСМ, од каде истакнаа дека оваа одлука е во согласност со Договорот од Пржино и е во интерес на решавањето на политичката криза.
Од друга страна, пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ предлогот за распуштање на Собранието го услови со усвојување на Буџетот за 2017 година.
Собранието на Република Македонија со 72 гласови „за“ и 37 против денеска го донесе Буџетот на Република Македонија за 2017 година со кој вкупните приходи се планирани на ниво од 187,612 милијарди денари. Вкупните расходи се на ниво од 206,219 милијарди денари или за 4,5 проценти повеќе во однос на годинава. Буџетскиот дефицит е предвиден да изнесува 3 проценти од БДП, односно 18,6 милијарди денари.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО - ДПМНЕ, Илија Димовски му порача на следниот состав на Парламентот да продолжат да ја градат Република Македонија и да ја зачуваат онакава за каква што се бореле генерации Македонци.
„Следните 50 дена како никогаш досега ќе бидат клучни за тоа дали РМ ќе чекори кон патека која што ќе значи стабилност или ќе дозволиме на разноразни удбашки структури повторно да ја повлечат оваа држава во сомнителен колосек" ,рече Димовски.
Потпретсдателката на Собранието на Република Македонија и пратеник од редовите на СДСМ,Рената Дескоска, во обраќањето нагласи дека очекува на 11 декември да има избори кои ќе бидат слободни, фер и демократски. На изборите на 11 декември,според зборовите на Дескоска, не смее да се гласа со лажни лични карти, не смее гласачи да шетаат и да гласат на повеќе гласачки места, не смее да има притисоци, закани и уцени на избирачи.
„Ние што се залагавме за враќање на демократијата во РМ, за враќање на парите кај граѓаните, за заштитата на човековите права, за казнување на криминалците. Ќе продолжиме да се бориме за тие вредности и заедно со граѓаните на 11 декември ќе се избориме за подобра иднина, за поправедна Македонија", рече Дескоска.
Пратеникот од ДУИ Рафис Алити во својот говор пред пратениците истакна дека на Република Македонија и треба нова визија и решавање на проблемите со кои се соочува.
„Граѓаните очекуваат Македонија да биде дел од НАТО и од ЕУ и да ги постигне потребните стандарди", рече Алити истакнувајќи дека се донесени два многу значајни закони за Албанците, а тоа се официјализација на тетовскиот Универзитет и основањето на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
Меѓу другото пратеникот Алити рече дека дека не успеаа да се расветли аферата со прислушувањето - односно кој прислушуваше, како и случајот „Монструм“. Тој наведе дека политичарите имаат одговорност и во оваа насока и додаде оти останува идниот парламентарен состав да пристапи со поголема сериозност и да се расветлат овие случаи до крај.