Esra Tekin
11 Април 2025•Ажурирај: 12 Април 2025
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес се состана со лидерите на Азербејџан, Црна Гора, Косово и Либија во рамките на 4. Дипломатски форум во Анталија, јавува Анадолу.
За време на годишниот настан, Ердоган одржа разговори со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу и со премиерот на Либија, Абдул Хамид Дбеибе.
Според Дирекцијата за комуникации на Туркије, Ердоган и Дбеибе дискутирале за билатералните односи, како и за регионални и глобални прашања.
Ердоган нагласи дека Анкара придава големо значење на стабилноста и безбедноста на Либија и додаде дека двете земји ќе продолжат да ја унапредуваат соработката во сите области.
Тој истакна и дека Туркије и Либија ќе продолжат со блиска координација во заштита на заедничките интереси во Источниот Медитеран.
Според објавата на Дирекцијата на социјалната мрежа Х, во разговорот со азербејџанскиот претседател Алиев, Ердоган го нагласил значењето на зајакнувањето на билатералните односи, особено во енергетиката, транспортот и одбраната.
Притоа, тој изразил поддршка за мировниот процес меѓу Азербејџан и Ерменија, велејќи дека Туркије сака Азербејџан да биде „архитектот на мирот“ во Јужен Кавказ.
Според Дирекцијата за комуникации, Ердоган разговарал и со црногорскиот претседател Милатовиќ за можностите за продлабочување на трговската соработка, истакнувајќи дека „преземањето нови заеднички чекори во наредниот период ќе биде од голема корист за унапредување на соработката“ и дека „зголемувањето на билатералниот трговски обем е еден од примарните цели“.
Тридневниот Дипломатски форум во Анталија, кој започна денес, се одржува на тема „Враќање на дипломатијата во фрагментиран свет“.
Настанот собира светски лидери, креатори на политики и експерти со цел да ги разгледаат клучните глобални предизвици – геополитички тензии, нееднаквост, насилство и климатски промени – и да најдат решенија преку дипломатијата за враќање на стабилноста и унапредување на меѓународната соработка.