Furkan Abdula
30 Август 2021•Ажурирај: 31 Август 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, денеска учествуваше на Европскиот форум Алпбах, што оваа година е посветен на три теми: „Обезбедувањето на иднината на Европа“, „Финансирањето на иднината на Европа“ и „Климатските промени“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, преку интернет видеоконференциска врска, Заев учествуваше на панелот „Перспективите на Северна Македонија“ заедно со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград - Приштина и за Западен Балкан, и во своето воведно излагање истакна дека членството на земјата во ЕУ е перспектива и без алтернатива и покрај разочарувањето од блокирањето на евроинтегративниот процес од страна на Бугарија.
„Посветени сме целосно на овој процес затоа што нѐ водат европските вредности кои се и наши вредности и кои со сите политики што ги имплементираме ја остваруваат европеизацијата и тоа е нашата најсилна мотивација. Целта на Република Северна Македонија не е членство заради членство туку заради постигнувањето на стандардите и имплементацијата на тие стандарди во сите сфери на нашето општество“, нагласи Заев.
„Дека земјата е на вистинскиот пат и дека ги исполни сите критериуми“, додаде премиерот Заев, „беше потврдено со одлуката и препораката на Европската комисија до Европскиот совет на 20 март 2020 година, поддржана од сите земји членки на ЕУ, за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, чијашто организација потоа беше блокирана од Република Бугарија“, се наведува во соопштението.
„ЕУ има морална обврска кон Северна Македонија. Сите реформи во земјата се спроведени или се во тек, со соседите решивме прашања коишто беа отворени по неколку децении, како што беше Договорот од Преспа со Грција или Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Северна Македонија е успешен модел на функционална мултиетничка заедница и лидер на регионалната соработка, а со членството во НАТО станавме фактор на стабилност на Западен Балкан“, рече Заев.
Тој додаде дека сите земји членки се едногласни дека Северна Македонија испорачала и дека ЕУ останала должна со исполнување на својата одлука за почеток на преговорите.
Заев изрази надеж дека тоа ќе стане реалност штом Бугарија формира функционална политичка влада и изрази надеж дека на Самитот за Западен Балкан во Љубљана на 6 октомври ќе има сериозно придвижување на блокираното проширување на ЕУ.
Меѓу прашањата од аудиториумот на Форумот особено внимание беше посветено на иницијативата „Отворен Балкан“ за која премиерот Заев потенцираше дека не е алтернатива за членството во ЕУ, туку процес што ги забрзува евроинтеграциските процеси во земјите во регионот, што го поврзува Западен Балкан според принципите на ЕУ и што остварува огромен придонес во јакнењето на пријателството и соработката.