Admir Fazlagic
11 Октомври 2018•Ажурирај: 11 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Очекувам да се изнајде храброст, да се надминат партиските и политичките предрасуди, спреги, и да се внимава на иднината на државата, затоа што оваа шанса е неповторлива“, изјави денеска за медиумите премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во Собранието на Република Македонија каде што присуствуваше на врачувњето на државната награда „11 Октомври“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Одлуката што ја носиме е со огромна одговорност и важност за иднината на граѓаните и верувам дека сите ние пред сè и над сè ќе мислиме на нашата држава, на децата и на генерациите што доаѓаат по нас“, истакна Заев и додаде дека му е значајно фокусот да остане на сериозната одговорност што е исправена пред сите политички чинители, народни избраници, а пред сè и на Парламентот.
Тој додаде дека седницата на Комисијата за уставни прашања продолжува утре, а по нејзиното завршување, закажана е собраниска седница в понеделник, на 15 октомври.
Прашан од новинарите за тоа дали е вистина дека случаите на СЈО се толкуваат како притисок врз пратениците, премиерот Заев рече:
„Прочитав само од медиумите дека тоа се случува, не гледам никаква поврзаност со тоа што се случува во Собранието, затоа дебатата е транспарентна, јавна, јавно ќе се носат одлуките насекаде, и верувам дека секоја институција паралелно со политичките одлуки што се носат во државата, си носи одлуки, системот функционира и работи.“
На прашањето дали ќе побара оставка од вицепремиерот Османи, кој е дел од обвинетите во истрагите на СЈО, премиерот рече дека Османи имал соопштение во врска со тоа.
„Мојот став отсекогаш бил ист и продолжува да биде ист. Никој не е виновен додека со правосилна пресуда тоа не се докаже. Ова е само истрага. Ќе сакам да ги знам деталите, ќе го следам внимателно процесот и навремено ќе преземам активности ако нешто е поврзано со дигнитетот на Владата“, истакна Заев.
На прашањето дали смета дека со примена на притисок и закани, а зборувајќи во име на демократијата, може да се направи промена на ставовите кај оние што имаат спротивни, рече: „Не, апсолутно не, секоја помисла дека некој со притисок, со пари, поткуп, закани, уцени би направил нешто, на вториот чекор ќе падне сето тоа“.
„Ова мора да е одржливо, ова мора да има иднина, мора луѓето да веруваат во тоа и да ја носат одговорноста притоа, само така е возможно. Затоа цело време ги користам зборовите „пријатна атмосфера, благопријатна атмосфера, разговор, интерактивност“, истакна Заев, додавајќи дека е оптимист и дека Македонија ќе оди кон ЕУ и НАТО.
„Апелирам уште еднаш до опозицијата за разумност, немаме план Б, го нема до ден денеска на маса, нема алтернатива. Сите сме должни да се исправиме пред одговорот што ако ова пропадне, должни сме пред нашите граѓани“, порача Заев.