Muhammet Tarhan
25 Јули 2025•Ажурирај: 25 Јули 2025
ИСТАНБУЛ - Претставници на Иран и европските земји повторно се среќаваат во Истанбул за нова рунда разговори за нуклеарните активности на Техеран, објавува Анадолу.
Разговорите се одржуваат во Генералниот конзулат на Иран во Истанбул и претставуваат втор состанок во ваков формат.
На овие разговори делегацијата на Иран ја претставуваат заменик-министрите за надворешни работи Маџид Тахт-Раванчи и Казем Гарибабади.
Европската страна на средбата ја претставува т.н. група Е3, со претставници на Велика Британија, Франција и Германија.
Иран се согласи да учествува на овие нови разговори на барање на европските земји, кои се потписнички на нуклеарниот договор од 2015 година. Договорот, познат како Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA), има цел да ги ограничи нуклеарните капацитети на Иран во замена за олеснување на меѓународните санкции.
- Преговорите беа прекинати по нападите на Израел
Додека преговорите меѓу Иран и САД беа во тек, Израел започна напад врз Иран на 13 јуни, по што беа прекинати преговорите и со САД и со Европа.
Иран е загрижен дека европските земји ќе го активираат таканаречениот механизам за „автоматско продолжување на санкциите“, кој би можел да ги врати санкциите на ОН укинати со нуклеарниот договор од 2015 година. Овој механизам истекува на 18 октомври. Се очекува европските земји да го активираат механизмот пред тој датум доколку не се постигне решение за нуклеарната програма на Иран.
- Нуклеарниот договор од 2015 година и „механизмот за активирање“
На 14 јули 2015 година беше потпишан договор меѓу Иран, петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија, со кој се ограничуваат нуклеарните активности на Иран во замена за укинување на санкциите. САД еднострано се повлекоа од договорот во 2018 година и ги вратија санкциите на Иран. Иран побара од европските земји да преземат мерки за компензација на санкциите на САД, но и покрај спротивставувањето на акцијата на САД, Европејците не презедоа никакви мерки.
По ова, после една година Иран започна постепено да ги укинува своите обврски според договорот, а подоцна премина на активности за збогатување на ураниум на високо ниво.
Велика Британија, Франција и Германија се заканија дека ќе се повикаат на клаузула во нуклеарниот договор, позната како „snapback“, со која ќе се вратат санкциите од ОН на Иран поради кршење на договорот.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Еракчи, изјави дека европските страни немаат правна основа за активирање на механизмот бидејќи „ги прекршиле основите на договорот“ и „ја изгубиле својата партиципативна улога во договорот“.