Ekip
16 Февруари 2017•Ажурирај: 17 Февруари 2017
БРИСЕЛ (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) во овој момент не се подготвени за воена соработка со Русија, изјави денес секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис, со што ја затвори вратата за каков било обид за соработка на Москва со Вашингон во борбата против терористичката организација ДЕАШ во Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
По состанокот на министрите на одбрана во седиштето на НАТО во Брисел, Матис изјави дека САД ќе ја продолжат политичката соработка со владата на Путин, во обид да пронајдат заеднички терен.
„Политичките лидери ќе се ангажираат Русија во согласност со своите обврски да го врати партнерството со НАТО. Но Русија прво мора да се докаже“, изјави Матис.
САД ја прекинаа воената соработка со Русија, откако Москва во 2014 година изврши анексија на украинскиот регион Крим. Меѓутоа, администрацијата на Обама минатата година ги разгледа плановите за воена соработка со Русија во рамките на договорот за прекин на огнот во Сирија.
Истовремено, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон денес се состана со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, што е и воедно прва тет-а-тет средба на највисоко ниво меѓу две земји откако Доналд Трамп ја презеде должноста претседател на САД.
Тие се состанаа на маргините на Конференцијата на министрите за надворешни работи на земјите членки Г-20 во Бон, Германија.