Rahmi Gündüz
30 Март 2016•Ажурирај: 31 Март 2016
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Франсоа Оланд ги повлече од собраниска процедура нацрт-уставните реформи кои се однесуваат на прашањата за борба против тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
"Ги затворам дебатите за реформи на Уставот", соопшти Оланд откако предложениот нацртот речиси четири месеци беше предмет на остри дебати во двата дома на францускиот парламент.
Нагласувајќи дека одлучил да се откаже од одржувањето на заедничката седница на двата дома на парламентот, на Версајскиот Конгрес, на кој требало да се продолжи собраниска процедура поврзана со нацрт-уставните реформи, Оланд рече дека е разочаран и тажен од односот на политичарите кои се противат на донесувањето на овој предлог.
По терористичките напади во кои на 13 ноември минатата година во Париз, загинаа најмалку 130 лица, францускиот претседател Оланд нареди изготвување на измените на Уставот, кои ќе овозможат поефикасна борба против тероризмот.
Предложениот план е целосно одобрен од страна на долниот дом на парламентот, но во Сенатот доживеа промени на кои инсистираа претставниците на десната страна на опозицијата.
Откако Комисијата за усогласување на ставовите на двата дома на парламентот не успеа да постигне компромис, Оланд одлучи да не го свика конгресот на Версај, на заедничката седница на парламентот на која се усвоени прашања како што се уставните реформи со три петини од парламентарните гласови.