Ekipa
16 Јануари 2023•Ажурирај: 19 Јануари 2023
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, и претседавач на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ), Бујар Османи, истакна дека агресијата врз украинскиот народ мора да престане, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Османи, во рамки на денешната посета на Украина, го посети градот Бородјанка во Киевската Област, кој е силно погоден од воените дејствија, соопшти Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
На почетокот од посетата Османи изразил жалење за сите невини жртви и илјадниците Украинци принудени да ги напуштат своите домови за да ги избегнат разорувачките последици од руската воена агресија.
„Сите ние кои даваме поддршка на Украина сме на вистинската страна на историјата, на вистинската страна на хуманоста, на почитувањето на правото на живот“, истакна Османи.
Теренската посета, како што соопшти Министерството, се одвивала меѓу урнатините, уништените станбени згради и институции. „Во вооружените дејствија од страна на Русија разрушени се училишта, болници и друга државна инфраструктура која за жал и понатаму се оштетува или уништува“, истакна Османи.
Османи го осуди нападот на станбената зграда во Днепар, каде пред два дена загинаа над 35 лица, и над 70 се повредени. „Не постои оправдување ако континуирано се гранатираат цивилни цели. Ништо не може да оправда убивање цивили, попречување транспорт на вода и храна, отежнување на работата на хуманитарните конвои. Ништо не може да оправда кога деца и бремени жени се оставени без греење, со недоволно храна“, рече Османи.
„Неиспровоцирана агресија е кршење на меѓународното право, потенцијална закана за регионот, но и извор на страв и несигурност за цел свет“, порача Османи и истакна дека ОБСЕ ќе ги искористи сите механизми и алатки да помогне во напорите за ставање крај на страдањето.
„Пустошот предизвикан од воената агресија врз Украина длабоко ме потресува. Уништувањето на виталната инфраструктура и страдањето на украинскиот народ мора да запре“, истакна претседавачот на ОБСЕ и посочи дека е потребна итна акција за ставање крај на безумието, обезбедување помош за оние на кои им е потребна и обнова на уништените области.
Османи, како што соопшти Министерството, упатил порака дека Северна Македонија како земја претседавач со ОБСЕ ќе се залага да најде начин повторно да ја врати Организацијата во Украина. Тој, исто така, нагласил дека комуникацијата со Русија ќе зависи од тоа какви ќе бидат кон принципите и заложбите на Организацијата, за што Османи порачал дека нема да дозволи никакви компромиси.