Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
14 Јануари 2023•Ажурирај: 17 Јануари 2023
Над 17 милиони тони жито се транспортирани преку црноморскиот коридор за жито што беше формиран со посредство на Туркије минатата година во обид да се избегне можна криза со храна по руско-украинската војна, соопшти турското Министерство за национална одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Испораката на жито од украинските пристаништа продолжува безбедно според планираното“, соопшти Министерството.
Досега најмалку 643 бродови натоварени со жито ги напуштиле украинските пристаништа, се вели во соопштението.
Минатиот јули, Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за повторно започнување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше запрен по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
Во Истанбул беше формиран заеднички координативен центар со официјални лица од трите земји и ОН за да ги надгледува пратките.
Првиот брод што превезуваше жито тргна на 1 август 2022 година од украинското пристаниште Одеса врз основа на историскиот договор.
Меѓународно пофалена за нејзината единствена посредничка улога меѓу Украина и Русија, Туркије постојано ги повикува Киев и Москва да ја прекинат војната преку преговори.