Ivana Ramadanova
06 Ноември 2017•Ажурирај: 07 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на неговата прва официјална посета на Хрватска оствари средба со својата колешка Марија Пејчиновиќ-Буриќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од Владата, на средбата беа отворени темите за билатералната соработка меѓу двете земји, процесот на проширување и европската перспектива на регионот, како и хрватската поддршка за интеграциите на Република Македонија во ЕУ и во НАТО.
Соговорниците ги истакнаа добрите билатерални односи меѓу двете земји, како основа за остварување на уште подлабока соработка, размена, како и меѓусебна поддршка за политичките амбиции. Вицепремиерот Османи се осврна на европските перспективи на регионот, во контекст на евроинтегративните процеси во Македонија. Тој ја нагласи новата политичка енергија во насока на европскиот оптимизам што се создаде со формирањето на новата Влада во Македонија, покажувајќи силна наклонетост кон европските партии и коалиции.
„Овој нов моментум обезбеди поттик за Владата, за имплементација на зацртаните реформи и храбро адресирање на отворените политички прашања. Очекуваме, нашиот придонес да резултира и со конкретни чекори од страна на Европската Унија и НАТО, во насока на визибилноста на нашите европски и евроатлантски перспективи. По прашањето на нашите интеграции, 2018 година претставува историска година за Република Македонија и за овие наши амбиции очекуваме поддршка од страна на Хрватска“, истакна Османи на средбата.
Во агендата на вицепремиерот Османи за неговата посета на Хрватска се и средбите со потпретседателот на Собранието на Хрватска, Жељко Рајнер, со претседателите на Комисијата за европски прашања и на Комисијата за надворешна политика при Собранието на Република Хрватска, Домагој Иван Милошевиќ и Миро Ковач, каде што ќе се отворат темите за регионалната соработка на земјите од Западниот Балкан во рамките на европските процеси, како и за европските перспективи на целиот регион.
На маргините од посетата, вицепремиерот Османи ќе има обраќање пред дипломатските претставници во Хрватска, кое ќе со одржи во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Загреб, на темата „Нова страница за Македонија: 2018 – година на кредибилна перспектива за проширување“.