Abdula Berisha
16 Август 2021•Ажурирај: 17 Август 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, рече дека земјата ќе ги прифати авганистанските цивили кои биле ангажирани во меѓународните организации во Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференција за ситуацијата во Авганистан, министерот Османи рече дека земјата активно учествувала во мисијата „Одлучна поддршка“ од 2002 година, како сигурен партнер на НАТО.
Тој нагласи дека Северна Македонија продолжува активно да се вклучува во заложбата на меѓународната заедница да ги заштити цивилите изложени на ризик во Авганистан, кои биле вклучени во демократските промени во земјата или работеле со меѓународни организации и агенции.
„Ние понудивме во Република Северна Македонија да бидат сместени и распоредени авганистански цивили, коишто се дел од локалниот стаф на одредени меѓународни агенции и организации во Авганистан“, рече Османи.
Не прецизирајќи го бројот на Авганистанци што треба да бидат примени во Северна Македонија, Османи рече дека тие ќе бидат привремено примени пред да се реши нивниот конечен статус во земјата што е нивна крајна дестинација.
Потсетуваме дека покрај Северна Македонија, Косово и Албанија исто така потврдија дека ќе прифатат цивили од Авганистан во нивните земји.
Во меѓувреме, зборувајќи за граѓаните на Северна Македонија што во моментов се во Авганистан, Османи рече дека има 75 граѓани кои чекаат да го напуштат Кабул, додавајќи дека во оваа насока е ангажирана работна група во рамките на Министерството за надворешни работи.
Османи истакна дека бројот на граѓани на Северна Македонија во Авганистан бил поголем и достигнал околу 100, но нагласи дека некои граѓани пред „окупацијата“ на Кабул ја искористиле можноста да заминат со комерцијални летови.
„Дозволете да ве известам дека од овие чекори преземени за евакуација на луѓето, околу 50 граѓани кои беа на аеродромот во Кабул утрово, 25 од нив веќе се на воениот терминал, што значи дека се подготвуваат да се качат на американски воен авион и да се упатат кон Доха, Катар, од каде потоа ќе пристигнат во Скопје преку комерцијални летови“, рече Османи.
„Уште 25 други го чекаат следниот лет, во моментот тие се регистрираат, тие се на безбедно место и го чекаат нивниот трансфер во авионот. Имаме информации дека околу 25 граѓани кои се стационирани во американската база во Кабул, која е во близина на аеродромот во Кабул, тие исто така се безбедни и чекаат на листа за трансфер до аеродромот, а потоа за нивна евакуација до Скопје. Во моментов немаме други информации за граѓаните кои можеби се во Авганистан, а кои не се на оваа листа“, додаде тој.
Османи исто така потсети дека Северна Македонија го повлече својот воен, дипломатски и цивилен персонал од јули, што значи дека државата во моментов нема претставници во Авганистан.
Османи рече дека МНР контактирало со бројни сојузници кои имаат поширока дипломатска и воена мрежа во Авганистан, вклучително и лични контакти, со колегите од Турција и Катар, како и со американските власти, додавајќи дека голем број земји одговориле дека ќе го разгледаат барањето за евакуација на граѓаните на Северна Македонија.